Search

Од отпадно железо до безвременски скулптури со Ајваз од Чаир

Удари од чекан и звук од брусилица ја пречека и екипата на Трн кога го посети младиот уметник, Озбек Ајваз, во неговото ателје во Чаир. Малку време е потребно и само неколку чекори по металните струготини за да сфатиме со колкава љубов и посветеност овој талентиран човек со леснотија прави нешто од ништо. На прва ни кажа дека отпадно железо има колку сакаш, а инспирација уште повеќе, само нема кој да ги купи неговите уникатни скулптури. Многумина воздивнуваат пред секоја од нив, но ретко кој се одлучува барем една да вклопи во својот дом или двор.

Озбек Ајваз на отпадното железо му дава душа. Како академски скулптор и сценограф шета по складиштата за старо железо и во ателјето создава метални скулптури на кои им вдахнува безвременска приказна, како онаа за „Тешкото“, неговиот дипломски труд. Со осум метални скулптури го заокружил своето високо образование и со нив допре до македонската јавност. Секоја скулптура, во природна човечка големина, ја отсликува истрајноста и креативноста на младиот уметник кој со посебна прецизност ги поврзал илјадниците шрафови, федери, завртки и навртки, синџири и цевки.

„Полека почнува да се буди свеста кај луѓето за важноста да рециклираме преку уметноста. Иако постојат граѓани кои купуваат од скулптурите сепак нивниот број е мал, особено ако човек се одлучи на ваков начин да егзистира. Сепак уметноста не се мери секогаш низ таа призма“, вели Ајваз додека трпеливо ги селектира парчињата метал за неговата следна скулптура, а во мислите сигурно му поминува желбата да уркаси нечиј простор.

До сега низ неговите раце поминале стотици килограми железо кои завршиле во околу триесетина скулптури. И додека ги сортира парчињата старо железо, во зависност од обликот и големината, ни раскажа дека се започнува од приказната која сака да ја раскаже на публиката, потоа следува нацрт-скица која му е водилка, за на крај да го оформи делото.

„Ниту едно дело не е само заварување парчиња метал. Секоја скулптура има свој мотив и приказна, всушност од таква основа тргнува секој уметник. Уметноста доаѓа од душата, а не од хартија“, додава Озбек.

Тој е еден од малкутемина во Македонија кои се занимаваат со изработка на скулптури од метал. Иако млад сепак работи на стар начин. Ги спојува металите со процес на заварување. Вели дека отпадно железо се наоѓа на секој чекор, а најголемиот материјален трошок во процесот на изработка се електродите и камењата за брусење. Но тоа не го спречува неуморно да твори.

Некои скулптури ги прави за само еден ден додека за други му се потребни и неколку месеци. Во оние вторите влегуваат и тие кои ќе бидат дел од неговата самостојна изложба планирана за 10 јули во Центарот за современи уметности во паркот на Франкофонијата во Скопје. Љубителите на ваквата уметност ќе можат лично да ја посведочат креативноста на овој млади и талентиран академски скулптор.

„Изложбата ќе се вика „Мрак“ иако го прикажува спротивното, односно светлината на крајот од тунелот. Целата приказна ќе биде доловена со пет до шест скулптури. Секоја од нив ќе биде со тежина околу пет до петнаесет килограми во зависност од парчињата железо кои се употребени и начинот на кој се обликувани.  Секоја скулптура од ова дело си бара посебен пристап, но целокупното создавање на оваа целина планирам да го заокружам за шест месеци“, ги пренесува Ајваз своите надежи.

Она што е впечатливо за повеќето негови скулптури е тоа што се еден вид времеплов проткаен низ самата патина на металот која се создава од рѓата. Ајваз потенцира дека на барање на луѓето знае да ги лакира или бојадиса скулптурите, но првенствено претпочита металот да е чист. Убави ни се видоа часовите поминати во ателјето во Чаир, секому би му биле такви.

Најново

Последни колумни