Научниците вратија на Галапагос желки со гени од изумрен вид

Младите влекачи одгледани во центар потекнуваат од единки пронајдени на оддалечен вулкан, каде што морнарите ги оставиле пред два века.

Научниците и ренџерите на Националниот парк Галапагос вратија 158 џиновски желки со потекло од одамна изумрен вид на островот Флореана. Станува збор за влекачи што носат директна генетска врска со флореанската желка, која исчезна уште во 19 век поради интензивниот лов на китоловците и пиратите. Младите единки се опремени со сателитски предаватели за биолозите да го следат нивното движење и влијанието врз тамошната вегетација.

Џиновските желки на Галапагос пристигнале од Јужна Америка пред два до три милиони години, но нивната биолошка предност се претвори во нивна најголема слабост. Овие животни можат да преживеат до една година без храна и вода. Токму затоа, морнарите и китоловците од 16 век наваму масовно ги собирале и ги чувале живи во потпалубите како свежо месо за долгите патувања.

За само два века, од архипелагот исчезнале меѓу 100.000 и 200.000 желки. Секое островче развило посебен вид приспособен на локалните услови. Флореанската желка, препознатлива по својот изразен оклоп во облик на седло, беше првата што целосно исчезна од своето природно живеалиште околу 1850 година.

Истражувачите предводени од Џејмс Гибс од организацијата „Galapagos Conservancy“ во 2000 година забележале желки со нетипичен изглед на падините на вулканот Волф, на северниот дел од островот Изабела. Оклопите имале специфична седлеста форма каква што не припаѓа на локалните автохтони видови.

Генетските анализи изработени на Универзитетот Јејл потврдија дека пронајдените животни водат директно потекло од изумрената лоза од Флореана. Биолозите претпоставуваат дека китоловците ги истовариле или фрлиле преку палуба пред да заминат на отворен Тихи Океан за да го олеснат товарот на бродовите. Вкупно 19 единки беа префрлени во специјализираниот центар за одгледување „Фаусто Љерена“.

Ренџерите во центарот со децении го усовршуваат процесот на зачувување на загрозените влекачи. Јајцата положени во заградените простори се мерат и се поставуваат во инкубатори каде што температурата го одредува полот. На 28 степени Целзиусови се развиваат мажјаци, додека инкубаторите поставени на 29,5 степени даваат женки.

По четири месеци, младенчињата минуваат 30 дена во темни простории со контролирана влажност, хранејќи се само од својата жолчна кесичка. Првите две години тие живеат под постојан надзор и се хранат со исечкани лисја од растението познато како слоново уво, бидејќи со должина од едвај девет сантиметри се лесен плен за грабливците.

Враќањето на 158 млади желки на Флореана претставува почеток на долгорочна реставрација на екосистемот. Овие животни, кои можат да достигнат тежина и до 400 килограми, јадат околу 225 килограми вегетација годишно. Поради бавниот процес на варење што трае и до еден месец, тие пренесуваат семиња на големи оддалечености.

Биолозите нагласуваат дека семињата на многу островски растенија ртат само откако ќе поминат низ дигестивниот тракт на желката. Движејќи се низ густишот, тие расчистуваат патеки и создаваат отворени простори што потоа ги користат автохтоните птици. Проектот се реализира со поддршка од сателитска технологија преку која научниците избираат соодветни зони за идно гнездење.

е-Трн да боцка во твојот инбокс