НАСА повторно воспостави контакт со вселенското летало „Војаџер 2“ во петокот по двенеделниот молк откако контролорите на летот испратиле погрешна команда до леталото што ја насочило антената подалеку од Земјата.
За да ја репозиционира антената, Deep Space Network на НАСА во средата испрати „меѓуѕвезден крик“ со помош на најмоќната радио антена на НАСА во Канбера, Австралија.
Тоа беше обид за испраќање инструкции за исправување на леталото што бараше совршен тајминг.
Менаџерот на проектот „Војаџер“, Сузан Дод за новинската агенција АФП изјави дека командата била темпирана да биде испратена во најпогоден момент кога леталото и антената во линија со цел да се максимизира можноста вселенското летало да ја прими командата.

Бидејќи „Војаџер 2“ е на повеќе од 19 милијарди километри од Земјата, на командата што патуваше со брзина на светлината ѝ беа потребни околу 18,5 часа да стигне до леталото и уште 18,5 часа за тимот на НАСА да види дали таа е примена. Екипите затоа мораа да чекаат повеќе од еден ден за да дознаат дали нивната интервенција воопшто функционирала.
Во раните утрински часови на 4 август во САД, Војаџер почна да враќа податоци за наука и телеметрија „што укажува дека работи нормално и дека останува на очекуваната траекторија“, соопшти Лабораторијата за млазен погон.
На 21 јули, серија планирани команди испратени до „Војаџер 2“ по грешка предизвикале антената на сондата да се насочи на 2 степени од Земјата, што го попречило преносот на сигналите.
Еден ден пред да го смислат планот за испраќање на „меѓуѕвездениот крик“, инженерите на НАСА открија бранови од Војаџер, користејќи повеќе опсерватории низ светот кои ја формираат мрежата на длабоката вселена.
Сепак, тој бран бил преслаб за да пренесе какви било податоци, но бил доволен за да се потврди дека леталото сè уште работи и им даде надеж на инженерите дека можат да испратат сигнал за прилагодување на позиционирањето на антената.
Се верува дека двонеделниот прекин е најдолгиот што НАСА го поминала без да добие податоци од „Војачер 2“, леталото кое е во вселената веќе петта деценија, изјави проект менаџерот Сузан Дод за Асошиејтед прес.
Антената требаше да се помести само за 2 степени за да се поправи грешката, но ситуацијата не се очекуваше да се реши до закажаниот автоматизиран маневар за престројување на 15 октомври.
„Војаџер 2“ и неговиот близнак „Војаџер 1“, беа лансирани во 1977 година за да го истражат надворешниот сончев систем и пошироко, додека служат како светилник на човештвото во вселената.
Двете вселенски летала носат „Златни записи“, кои се 12-инчни, позлатени бакарни дискови на кои се прикажани „звуците на Земјата“, како што се громови, врнежи, лаење на кучиња и звук на бебе.

Дисковите, исто така, вклучуваат мапа на Сончевиот систем, парче ураниум што служи како радиоактивен часовник кој им овозможува на примателите да го утврдат датумот на лансирањето на вселенскиот брод и симболи кои покажуваат како да се репродуцира записот.
Дискот е наменет да ја пренесе приказната за нашиот свет на вонземјаните.
„Војаџер 1“ премина во меѓуѕвездениот простор во 2012 година, а „Војаџер 2“ премина во 2018 година. Пред да го напушти Сончевиот систем, Војаџер 2 ги истражуваше Јупитер и Сатурн и стана првото и досега единственото вселенско летало што ги посети Уран и Нептун.
Научните податоци испратени од Војаџер вклучуваат детали за меѓуѕвезденото магнетно поле и изобилството на космички зраци.
„Војаџер 1“ сега е најоддалеченото вселенско летало од Земјата на оддалеченост од 24 милијарди километри и сè уште остварува контакт со Земјата.
„Се надевам дека еден од нив ќе достигне 50 години постојан котакт. Но, тие се стари и секако настаните како овој не плашат дека може да загубиме контакт“, рече Дод.
Извор: DW