Search

Молзење отров

Националните паркови на Балканот се полни со змии отровници, разноврсен отпад и луѓе грабливци. Која од овие три работи е пострашна и каква врска има ова со националниот идентитет и гордост – нагалено, национална стратегија?!

Летово патував низ балканските земји кои се дом на една змија отровница, кај нас позната како поскок, инаку заштитен див вид. Видов две, едната беше мртва, другата ја забележав додека уживаше во една традиционално култивирана бавча со засаден грав. Не е битно во кои две балкански земји ги пресретнав, она што е несомнено е дека  домот на оваа отровница го делат држави што се соочуваат со криза на демократски интегритет, силување на околината и токсична неможност за разградување на штетните навики и наративи, така популаризирани во еден модерен монструитет  што ја первертира традицијата, историјата и евентуалната иднина но, најстрашно од сѐ ги загадува добрососедските односи.

На Балканот и во неговите прекрасни национални паркови можеме да се огледаме во стадиумот од развојот кој така будалесто го славиме како прогрес и независност. Видов грамадни количини отпад натрупан на скоро свети места како река или дол со некој поток, видов и мега депонија среде национален парк во којшто се палеше “начинот на живот“ на граѓаните, додека многубројните туристи се движеа како желки поради, “радови на путу“, по некој главен коловоз, и во целата убост на кривулестите патишта што водат на море и сите тие глетки, беа разбудени од митските призори на импозантните купови пластика и останато, што чади и ви посакува добредојде во… да, морам повторно да го употребам ова во истата реченица: Добредојдовте во Националниот Парк! Освен многу токсичен отпад, таму живеат и други суштества со митолошки статус и од неодамна шанса за профит.

Поскокот живее повлечено и елузивно и може да се види многу често мртов во овие заштитени подрачја, најчесто прегазен од автомобил и честопати довлечкан од некој селски пес пред атарот на нечија куќа како информација што добива размер на теорија на заговор. Кај нас култура е исто така, ваква случка да се протолкува како лош знак за домаќинот или тој што ја видел. Ете така некако започна моето патување низ Балканот, со мртов поскок пред автомобилот.

Песот што ја довлечка отровницата што можеби беше и мажјак, го запознав уште претходниот ден и можам да кажам дека беше млад, напорен и глупав. Беше навистина и грд ама, истовремено и горд што довлечкал некакво суштество препелкајќи се врз мртвото змиско тело во сета своја младешка глупавост. Конечно доби внимание, кога го погледнавме и рековме дека змијата е отровна и мртва. Дека тоа не беше негов плен или победа беше јасно како ден. Угризот од поскокот би бил смртоносен за малиот црн глупак доколку би имале блиска средба. Оваа случка ме поттикна повторно да размислувам за стравот од змии и пред сѐ, стравот од незнаењето за змии отровници но, и да истражам малку повеќе за поскокот во Македонија како дел од Балканот.

На официјалните рангирања на видови на Националната црвена листа на Република Северна Македонија оваа змија со научно име Vipera Ammodytes се смета за најмалку загрозен вид. Нашата сегашна карта обоена со популации на поскок е скоро цела црвена, така никогаш не изгледала суверенава земја на карта со изборни резултати според излезност.

Не дека тука врие од поскоци што се намножиле, напротив, тие живеат тука и се грижат за регулација на популациите на глодари, особено оние  што ги демнат градините, лозјата и традиционално култивираните земјишта во околина со изобилство на камен, карпи и суви површини каде што честопати земјоделците го хејтаат кртот кој е месојаден и нема интерес за зеленчук и корени на раноградинарски култури. Никој не го знае глушецот растурикуќа, би рекла, што ги користи подземните лавиринти на кртот за да стигне до плодовите на човекот што се изнаработел за да се прехрани. Кртот е крив! Змијата е зла и отровна. Човекот има право да се справува со кризи на секаков начин. Исто така да му нараснуваат ко тесто со квасец идеите дека се намножиле тука некои работи. Змии на пример. Човекот има право да се прејаде од незнаење. Добро, нека го, но утре пак ќе мора да се разбуди, тоа е неговото проклетство. Она што не се размножува но, некотролирано се намножува е пластичниот отпад во природата, толку очигледен насекаде, што започнува да станува дел од самата природа зараснувајќи ѝ во бедрата што ѝ ги продаваме како недопрени. Ѓубрето кое загризало во нејзиното тело е отровно на долгоречен план, но тој отров не е приоритет. Сепак, ние повеќе би се плашеле од поскок.

Вбризганиот отров на оваа наша густо распространета дива змија отровница е смртоносен од причина што освен тоа што е нервен отров, тој дополнително предизвикува и некроза на ткиво па, оттука местото на вбризгувањето отров е од особено значење. И покрај потентноста на отровот, случаите на луѓе починати или каснати се ретки и со навремена реакција најчесто не завршувале со смрт.

Сметам дека ако живееш во ова земја треба многу добро да го познаваш поскокот за да го препознаеш и оставиш на мир. Поскокот е флегматична змија, има нешто рајско во нејзиното однесување. Примерокот што го набљудував од безбедна дистанца со соодветно дневно светло, мирувајќи во една бавча со грав, оддаваше впечаток на спокој и веројатно трпеливо чекаше на можноста да забележи некој глодар што се шмугнал во бавчата за да им ги краде плодовите на земјоделците. Добриот земјоделец многу добро го познава поскокот и има научено дека своето однесување во бавчата треба да ѝ го прилагоди на пририодата, мора да  се адаптира на околина што го храни, која на крајот од денот не е само едноставно парче земја што припаѓа некому, туку е дом на разноврсна флора и фауна и како таква никако не може да биде поседувана. Токму тие жители на традиционалното култивирање на земјата овозможувале да има плодови а, не се луѓе.

Змијата во рајот не го кани или не дај боже намамува човекот да се почести со плодови, таа всушност му ги овозможува тие плодови, инаку би дошле и други божји суштества, како глодарите, да се нагостат додека тој спие.

Новите методи се: Уби се, освен плодот! И, измолзи го поскокот.

Статусот на природата во пракса зборува за степенот на развиеност на една суверена држава. Земјите на Балканот со сите негови стрелки на компасот продаваат солуции за опстојување со нацинални стратегии, притоа безумно стишувајќи  ја можноста да се бават со единствената стратегија која би можела да навести некаков, не прогрес, туку пред сѐ заеднички излез од дивите депонии на своите и заедничките национални паркови. А, на Онкологија вбризгуваат физиолошки раствор и дилаат со цитостатици. Дај боже да се работи за исклучоци, затоа што државните истражување за можностите, овие пропусти што смрт значат да се обистинат, се тромави како пијана оса во септември што ги пропушта сите гроздови тела што тежнеат на омарнината и лебдат на издишувањето на летната Сага директно под нашиот нос, како на пример набрекната светло зелена мачмалоу смоква од блиската пиљара или дрвото на комшијата.

Зашто да не биде новата клетва, да му ги цицам смоквите на комшијата. Тој и онака не може сам сите да ги ишмука. Да се солидаризираме, да биде национален празник, шмукање зрели смокви на Балканот, ама пред тоа да ловиме пластика во природата. Зашо па да не?!

Си замислувам  некоја светла иднина што би нѐ засенила и разденила во заедничка работна акција за чистење на секакво ѓубре што не се разградува и е токсично – за почеток заедничко рециклирање на акутно фалсификуваната историја и негирањето на воени злосторства низ вените на реките што се протегаат и надвор од Југославија но, имаат заедничка историја која е крајно потентна за голема љубов и заедништво ако се заузда на академски и поетски начин, наместо да биде  испржена во фритеза низ која прошле многу зденки, тиквици и смрзнат помфрит со балканско потекло, бивајќи продадени како национално јадење во некоја топла летна ноќ на патот за Солун или Истанбул, раскажана низ јад како епска пожртвуваност.

Балканските земји сепак порадо се бават со хиромантизирање на национални микропластични митови и со преживување на разноразни начини, во оваа колумна би го издвоила случајот со ловците на поскоци. 

На официјалната веб страна на Националната црвена листа на Република Северна Македонија при Министерството за животна средина и просторно планирање прочитав:

Понекогаш единки се одгледуваат во заробеништво од хоби и се дистрибуираат во истата заедница – интернет форумите често нудат единки за продажба на змии собрани од околината. Видот е исто така несистематски искористен за „молзење“ отров (податоци од лична комуникација). На експертите во неколку наврати им имаат пристапено лица кои се занимаваат со собирање отров, кои сведочеа за цена на отров од 250 евра за ml, а беше пријавена и постојна мрежа на собирачи од Неготино, Кавадарци, Струмица и Гевгелија.“

Во информативниот текст за статусот и околностите на поскокот во недрата на нашата сувереност, се вели исто така дека:

“Уништувањето на живеалиштата, пожарите и сообраќајниците се главните закани за овој вид. Најверојатно најпрогонуваните видови змии од страна на луѓето во Северна Македонија заради нивната лесно препознатлива шара и рог што е поврзана со опасност и отров. Собирањето за трговија со домашни миленици може да биде закана, како и несистематско молзење отров. Покрај тоа што се собирани од дивината, единките не се ниту правилно и етички сместени и молзени (Светска здравствена организација, 2016), ниту, пак, веднаш ослободени, бидејќи можат да се молзат повеќе пати (податоци од лична комуникација). “

За крај на оваа колумна, еве уште нешто за поскокот и неговата правна застапеност.

„Сите закани наведени за овој вид се вклучени во „Листата на приоритетни закани за биолошката разновидност“ во „Стратегијата за биолошка разновидност на Република Северна Македонија со акциски план 2018-2023“ (Министерство за животна средина и физичко планирање, 2018). Поскокот е широко распространет во Северна Македонија (обем на распространетост [EOO] = 24.286km2) и неговата ограничена површина на населеност (AOO) од 1.636 km² е најверојатно потценета пресметка заради генерално елузивната природа на змиите.“

Најпопуларната, додуша изолирана, популација на поскоци во Република Северна Македонија, вирее на островот Голем Град во водите на Преспанското езеро и е пример за неухранета популација од причина што во нивната исхрана тие се ограничени на гуштери и поголеми инсекти и се релативно помали од широко распространетите поскоци што се хранат со глодари. Освен тоа, поскоците што го населуваат големиот град на мирното преспанско деноноќие честопати се жртви на садистички пориви на туристи кои доаѓаат во нивниот атар за да ги малтретираат, казнуваат и усмртуваат на лице место, да ги ловат за во заробеништво и да ги молзат. Посетата на туристите на овој скоро митски остров е некотролирана и оваа изолирана популација е во опасност да биде измолзена и расквернавена, пред сѐ од домашни туристи.

Проблеми во Рајот.

Авторката е музичарка и текстописец

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни