Search

Молкот не е одговор за сите твои проблеми

Според повеќето истражувања врскничкото насилство меѓу момчињата е се поголемо, младите имаат сериозни предизвици со менталното здравје, податоците кои ја опишуваат сликата за менталното здравје на момчињата и мажите кај нас укажуваат од неопходноста за дебата и акција на оваа тема во општеството.

Во организација на ХЕРА се оддржа панел дискусија на тема: „Грижата за себе и менталното здравје кај момчињата и мажите“, во Студентскиот културен центар – СКЦ.

На дебатата говорниците ставија акцент на долгогодишната состојба во која мажите и момчињата кои потешко ги изразуваат своите емоции и поретко бараат помош кога им е потребна. Во нашата култура често се промовира идејата за „силен маж“ – маж кој не зборува за своите емоции, маж кој не плаче и самиот ги решава своите проблеми. Овој стереотип создава огромен притисок и ги спречува мажите да ги споделат своите чувства и да побараат поддршка.

Кирил Тројачанец, психолог и експерт за стрес и анксиозност, на панел дебатата истакна дека: „Мажите често се учат да ги потиснуваат своите емоции од рана возраст. Ова води до тешкотии во изразување и разбирање на своите чувства, што може да резултира со ментални здравствени проблеми. Потребно е да се промени оваа културна норма преку едукација и поддршка”.

Програмската координаторка од ХЕРА Весна Матевска даде осврт на програмата за поддршка на мажи и момчиња и истакна: „Програмата е дизајнирана да биде достапна и пријателска, со фокус на доверливост и поддршка. Нудиме бесплатни услуги и промовираме отворена комуникација за да ги охрабриме мажите да побараат помош“.

Ленче Алексовска-Величковска, која е спортски психолог истакна дека: „Најчестите заблуди се дека мажите не треба да покажуваат слабост, дека барањето помош е знак на неуспех и дека емоционалното изразување е за жените. Овие стереотипи можат да доведат до сериозни ментални здравствени проблеми“.

Модератор на настанот беше Виктор Бучковски, кој истакна дека оваа дебата не би била целосна ако не ја консултираме и вештачката интелигенција па затоа го запрашал Chat GPT, што е психолог и  побарал да му објасни како на 5 годишно дете, при што одговорот бил: Психологот е како доктор за умот. Тој помага за луѓето да се чуствуваат подобро кога се тажни, збунети или нервозни. Замисли да имаш една кутија полна со различни чуства и мисли. Психологот ти помага да ги распределиш тие чуства и мисли така што ќе можеш подобро да се справиш со нив, тој те слуша и ти дава совети како да се справуваш со проблемите.

На панел дебатата се разви одлична дискусија помеѓу младите, учесниците покажаа голем интерес околу оваа тема, и имаа доста прашања упатени кон гостите псхихолози. Тие се интересираа околу отварањето на новиот ММ- центар за поддршка и советување на момчиња и мажи, и какви типови на терапија се применува. Во текот на панелот ХЕРА го престави ММ – центарот за поддршка и советување на момчиња и мажи, кој овозможува бесплатни советувања и подршка со психотерапевти и психолози за момчиња и мажи. Советувањата ќе се спроведуваат со физичко присуство или преку виртуелни канали.

Центарот ќе биде отворен за услуги вторник, среда и четврток од 10ч до 17ч. Термините треба да се закажат на следниов телефнски број: 070/299-026, email: viktor.buchkovski@hera.org.mk, или на Инстаграм @man.mind.skopje.

Настанот се одржа со поддршка на Австриското здружение Verein Für Männer – und Geschlechterthemen Steiermark, Austria, и Сојузното министерство за социјални прашања, здравство, грижа и заштита на потрошувачите на Австрија.

Најново

Последни колумни