Самостојната изложба „Меѓу нас“ на уметникот Горан Костовски-Индог ќе биде отворена денеска во 18 часот во Мобилната/Монтажна галерија во Паркот на франкофонијата во Скопје. Проектот е замислен како визуелна приказна за емпатијата, надежта и меѓусебната грижа, а произлегува од долгогодишното авторско истражување на темата „Славење на животот“, кое Индог го започна во 2011 година.
Преку илустрации, платна и графики создадени во изминатите години, изложбата ги истражува емоционалните состојби на човекот и неговата поврзаност со природата, заедницата и секојдневните односи. Централно место во делата има цветот – симбол на раст, ранливост, трансформација и надеж, кој ги отсликува различните човечки чувства, од љубов и радост до тага и исцелување. Од Центарот за современи уметности посочуваат дека изложбата отвора важни прашања за менталното здравје како заедничка одговорност и поттикнува дијалог, солидарност и поврзување меѓу луѓето.
„Меѓу нас“ е замислена како терапевтски и ангажиран простор што ја нагласува важноста на малите, но значајни гестови на грижа и поддршка, создавајќи чувство на припадност и можност за позитивни промени.
Горан Костовски-Индог е илустратор, дизајнер, уличен уметник, диџеј и активист, препознатлив по спојувањето на визуелната уметност, музиката и општествениот ангажман. Во 2011 година ја основа платформата DIY (Doing Yourself In), а истата година ја започнува и унисекс етикетата Celebrate Life, преку која промовира позитивни пораки и урбана култура.
Од 2020 година го реализира и својот поткаст посветен на менталното здравје, кој досега има повеќе од 100 епизоди. Неговите дела и проекти биле претставувани на бројни настани и изложби во земјава и во странство.
Изложбата е реализирана со поддршка на Министерството за култура и туризам и Општина Центар.