Search

Куќа на цвеќето

Во Белград не сум била скоро една деценија. Порано тоа беше главниот град на државата во која се родив а се решив да отидам повторно од причина што таму имам блиски роднини и пријатели. Таму живееше и мојот покоен дедо и во детсвото престојував доволно време за да можам да кажам дека бил мој град. Кафе во Плато покрај Филозовскиот факултет во центарот на градот и буричкање во купиштата стари книги за да уловам некоја од црвените книжулиња од едицијата „Реч и Мисао“ – мој мал скромен ритуал што си го дозволив и овој пат после толку долго време.

На улиците, во автобусите, во трамваите се слуша јазикот што го нарекуваме “нашки“ за да не навредиме некого по распадот на СФРЈ. Слушнав хрватски, босански, црногорски, словенечки, македонски но, и албански, руски, украински, германски, англиски, кинески. Градот е полн со луѓе што не се Срби. Србија не е Белград и Белград не е Србија или можеби така звучат летата во сите велеградови. Фамозно скандалозниот Град на вода го видов само  на поминување од превозно средство а, за него слушнав секакви работи што не се тема на муабет во оваа колумна.

Овој пат појдов и на едно место што сѐ уште пречекува луѓе од целиот свет и кадешто последен пат бев со дедо ми на крајот на осумдесеттите и се сетив дека плачев од среќа иако бев дојдена на нечиј гроб. Куќата на цвеќето! Таму лежат моштите на другарот Јосип Броз  Тито и од неодамна (2013), неговата сопруга Јованка Броз. На истото место се наоѓа и музејот Југославија што исто така го посетив и топло ви го препорачувам ако ве одведе патот натаму. Баш таму здогледав и зграбив маичка со пионерската заклетва „Друже Тито ми ти се кунемо….“, на што жената што работеше во продавницата за сувенири ме покори дека таа е за деца а, на моето инсистрање дека ќе ме собере во најголeмиот детски конфекциски број, таа ми одговори: Неќе моќи! – објаснувајќи ми дека во меѓувреме ми пораснале гради.

Ова беше можеби еден од најжешките денови летово. За да стигнам дотаму без да изгубам свест, чекорев полека со проширени ноздри кои одвнатре ги гореше топлиот воздух и стасав таму истоштена и жива вода со плускавци на лицето што си ги заработив како алергиска реакција од бруталното сонце и густата омарнина. Малечката Марија и нејзиниот дедо стоеја пред влезот и ми се смешкаа. Каква фатаморгана! Дедо ми како пак да ми велеше: Марче, овде је сахрањен наш друг Тито!

Дедо ми го погребавме во неговото родно село кадешто бев неколку дена претходно и не стасав да му отидам на гробот затоа што имав работа со почвата што ни ја остави и си мислев дека сигурно повеќе би се израдувал ако види дека правиме нешто вредно со огромниот двор отколку да отидам да изметам суво лисје и малку прашина од неговото тесно вечно почивалиште кадешто лежи и мојата прерано почината баба и мојот прадедо. Наместо да одам да палам свеќи, останав во атарот на дворот затоа што сакам да верувам дека повеќе би му значело што воопшто доаѓам во убавото село со долга традиција на одгледување рози и ако го следам неговото упаство за користење на струјата и модерната пумпа за вода што можел да си ја дозволи во некои други времиња а, сега нѐ прави сосема независни со овој бесценет природен ресурс, или ако ги поправам работите што се расипале во меѓувреме.

Марче – знаеше да ми рече тој – подобро да се внимава со работите, да се одржуваат, да не се чека да се расипат и потоа да мора предвреме да ги фрлиме. Неговиот велосипед што секогаш го викав “Бицикл Љубљана“ – затоа што така пишуваше на него, стои во гаражата и ме потсетува дека треба да го поправам. Се сеќавам дека еднаш кога се расипаа педалјите го прашав зошто не си купи нов кога има толку голема пензија а, тој ми одговори дека ќе го однесе да го поправи затоа што не е за фрлање и дека ќе го вози се додека е жив затоа што го цени трудот на оној што го дизајнирал и произвел.

Дедо ми заминал од своето родно село со партизаните уште пред да наврши осумнаесет години. Неговиот втор братучед што живееше во соседната куќа и беше “за краља“, често знаеше да му префрли преку оградата дека во Втората светска војна бил премлад за да го фрлат во првите борбени редови со другите партизани и дека во следната војна и распадот на СФРЈ веќе бил во пензија. На овие коментари тој молчеше мудро и ми рече дека се спасил и од друга трагедија и бил единственото преживеано бебе во годината кога  селото го покосила туберколоза од којашто настрадала и неговата мајка на којашто не се сеќава.

Имотот што му останал од татко му го негуваше сиот свој живот а нам ни ја остави и сета инфраструктура за современ и удобен престој на село во лето. Југославија му беше мајка и како што и самиот знаеше да каже: Таа ме научи сѐ! Други од селото пак велеа дека ЈНА му била мајка.

Како дете родено во град, посетите во селото за време на долгиот летен распуст за мене беа непроценливо искуство и запознавање на природата и животинскиот свет како и животот на земјоделците и сточарите кои дедо ми исклучително ги почитуваше и секогаш ми велеше дека без овие луѓе земјата би пропаднала во глад.

Долгите шепотења со комшиската кобила Беба што понекогаш скришно добиваше коцки шеќер, моето исчезнување во едно соседно поголемо село како дете, за потоа да ме најдат во штала излижана од кравата заедно со нејзиното теле, радоста на комшиските свињи кога ќе им однесев кори од лубеници, мирисот на наѓубрените ниви и зајдисонцата со птичји пој, ме чуваа од опасноста да се отуѓам од природата што во големите градови е сведена на минимум. Ова беше и моето омилено место за читање што ме штитеше од буката на градот и неговите неартикулирани врвулици што ги бодеа моите чувствителни уши наклонети кон музика.

Никогаш не сум се плашела од инсекти, никогаш не ги заборавив концертите на птиците певливки  и музиката на ветрот што сѐ уште дува таму. Денешните деца од градови се гадат и плашат од бубачки и не доаѓаат на село ако нема интернет. “Сељаците“ ги презираат но, обожаваат да јадат свинска шницла со салата од домати што ги гаи секако некој селанец и мора да ги продаде за мала сума во споредба со неговиот макотрпен труд за потоа некоја госпоѓа од градот да се пожали дека чинат скапо притоа заборавајќи го и постоењето на трговецот на зеленчук што ѝ ги носи на дофат.

Дворот и нивата од дедо ми за мене се неговиот гроб кадешто тој повторно може да заживее на пролет и лето кога ние одиме таму и садиме по некој зеленчук, овошки, билки и цвеќиња што ќе привлекуваат пчели и бумбари и ќе го одржуваат биодиверзитетот здрав.

Гробот, си мислам, е она што останува, она што ни било оставено. И инфраструктурите се своевидни гробови што треба и понатаму да бидат место за мир, засолниште и ресурс што ќе раѓа нови плодови на вистинскиот прогрес. Југославија е исто така гроб што го сквернавевме по смртта на Тито и го распродадовме за добробит на малкумина. Наместо да се грижиме за непроценливата инфраструктура што ја наследивме, а ја граделе Југословените после Втората светска војна, на овој гроб почнаа да растат отровни цветови на национализмот и да владее токсичната моно – култура во секоја смисла на зборот. Приватизација на колективните добра и на сеќавањата – си размислувам, ми се превртуваат цревата додека стојам пред гробот на Тито.

Куќата на цвеќето изгледа исто како и порано и се одржува на највисоко ниво. Златните букви на мермерната плоча сјаеа под сенките што паѓаа над неа како крст. Пред мене се отвори терасата со поглед на Белград. Лево од Тито лежи Јованка. Молчам и пуштам две три горки солзи, сосема дехидрирана и прегорена, заслепена и стаписана.

Тито беше и остана најголемата поп – ѕвезда во Југославија. Неодамна се појави неговата биографија во издание на C.H.Beck на професорката по Историја на Источна и Јужна Европа на Универзитетот Лудвиг Максимилијан во Минхен – Marie – Janin Calic, и како што неодмана разбрав наскоро ќе ја има и на македонски во издание на ИЛИ-ИЛИ.

Јас сум титова пионерка, југословенско дете и возрасна личност што прави разлика помеѓу сеќавање и историски факт. Оваа импозантна биографија се бави со животот на Тито врз основа на архивски истражувања и покрај тоа што се наоѓа во едицијата Дикаторите на 20 -от век, таа е несомнено непристрасно наклонета кон неговиот лик, дело и стамина во турбулентни историски премрежја. Некаде на крајот на оваа обемна биографија во поглавјето насловено „И по Тито: Тито!“, пишува а, јас слушам како престанува да чука неговото срце на 04.Мај 1980 година во 15.05 часот. По објавувањето на веста за неговата смрт фудбалерите на Црвена Ѕвезда Белград и Хајдук Сплит го прекинуваат натпреварот во првото полувреме и почнуваат да плачат. Цела Југославија е потресена од веста која не доаѓа изненадно затоа што Тито веќе од Јануари истата година лежи на Клиничкиот центар во Љубљана и се бори за живот откако му е отсечена левата нога поради компликации од дијабетис. Синиот воз го пренесува ковчегот со неговите останки од Љубљана до Белград. Југословените го губат својот голем татко на чијпто погреб ќе присуствуваат 209 делегации од 120 нации меѓу кои и четири кралеви, шест принцови, 31 претседател, 22 премиери и 47 министри за надворешни работи.

Авторката е музичарка и текстописец

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни