Search

Куќа на цвеќето (втор дел)

Тито е најпопуларниот Југословен во светот, нека ми опростат фановите на Марина Абрамовиќ и Новак Ѓоковиќ што секако би си ги искубале косите и би си ги исекле меѓусебно гркланите во нивна одбрана. Последното парче текст во биографијата на другарот Тито (Вечниот партизан), на  Marie – Janin Calic, е насловено Титосталгија. Таа забележува дека и покрај сите критики и обиди да се стигматизира неговиот животен век, за многумина Тито останува незаборавен идол којшто стои во центарот на една култура на сеќавањето со која тие ја изразуваат тагата и меланхолијата за изгубената татковина. Илјадници луѓе сѐ уште го слават неговиот роденден (25.Мај) и денот на основањето на Југославија (29.Ноември). Чалиќ наведува дека милиони луѓе сѐ уште ја посетуваат неговата родна куќа и неговиот гроб за да се впишат во книгата на посетителите. За нив Тито е херојот на нивниот живот.

Се прашувам како е можно една таква држава создадена во обединетоста на народите и народностите да се распарчи крваво и брутално само десет години по неговата смрт. Пред сѐ, одвнатре! На овие простори сѐ уште силно владее убедувањето дека тоа го предизвикале надворешни фактори и сили на кои не им одговарала таква силна федерација на Балканот. Додека ги пишувам последниве две колумни го гледам и новиот, повторно mind blowing, документарен серијал на генијалниот британски документарист Adam Curtis за BBC, Trauma Zone(2022), којшто преку стари архивски снимки ги прикажува настаните во СССР за време на падот на комунизмот и воспоставувањето на финанскиот пазар преку фамозниот експеримент на шок терапија и она што следи. Во овие архивски снимки, мудро уредени од мајсторот на документарниот филм, може да се посведочи за животот на народот во тие брутални времиња и издигнувањето на олигарсите, поранешните комунисти- опортунисти како и идните моќни политички фигури и злите сили на национализмот, како и фанатичните религиозни монструозни регрутирања на безнадежни милиони жители.

Траумата на Југословените е огромна и не нужно помала или поголема, едноставно неспоредлива со траумата на народите во Советскиот сојуз но и останатите европски земји кадешто наглиот пад на комунизмот како ветување за подобар живот со демократски слободи се исполнил само за малкумина. Наместо заедничкиот прогрес и благосостојба на луѓето што се еднакви во едно демократско општество, на сцената настапува национализмот, верските водачи и шпекулативниот финансиски пазар како игралиште за игри на моќ и смрт што за кратко време ќе направи непријатели од вчерашните соседи, најдобри пријатели и ќе разруши цели семејства и израсне генерации истрауматизирани потомци чијшто основен животен нагон ќе бидат парите а, средство за достигнување на монетарните висини – безкрупулозната конкуренцијата и зависта што се протнува подмукло дури и во потесните кругови на семејството.

Дали комунизмот бил лош или добар е прашање со коешто и ден денес се бават стручњаци во областа и не би си дозволила брзоплето да одговарам папагалски и категорично. Се работи за тоа што наглите промени на полошо секогаш носат жртви. Радикалните промени за добробит на сите луѓе не можеме да ги изедначиме со ветувањата за живот во изобилство со аргументот дека преживуваат само најсилните и најподобните. Овие бљувотини на неолибералниот капитализам што политички коректно се нарекува слободен финансиски пазар, се разобличуваат во секојдневниот живот на луѓето на коишто им е одземена моќта и човечката чест а трудот им е обезвреднет без капка совест. Токму во таква клима се издигнуваат или потчинуваат нациите – најголемото зло што му се случило на модерниот човек. Нивното патолошко битисување е виновно за исчезнувањето на помалите јазици на народите ширум светот, за модерното поробување на немоќните и помалите, и токму тие ја прават играта на моќ смртоносна и разорна оставајќи му на човекот простор како во затворска ќелија да се моли на бога или на следниот диктатор што ќе ѝ донесе слава на неговата нацијата и богатство на неговото потесно семејство. Проклетство што го јаде човекот одвнатре со благослов од верските водачи и нивната лажна вера во Бога во свет потчинет на криминогените финански структури на глобалната сцена што не се заинтересирани за вистински прогрес туку за акумулирање на моќ на грбот на работник и исцрпување на природните ресурси.

Грозоморни се годините што носат нови и нови војни затоа што една нација се смета себеси за супериорна и си дава за право да ја гази помалата – не толку моќната. Тука се буди и помалото зло – помалата нација што би се борела за својата националност до гроба и без преседан. Тито ова многу добро го знаел. Можеме денес да кажеме што сакаме за него, може ВМРО со неговите невини коалиционери и нивниот музеј на жртвите на комунизмот и понатаму да го трујат народот со приказни за борбата за слобода а, всушност воскреснување на фашизмот.

Како што наведува Чалиќ, ѕвездата на Тито свети посветло од мрачната политичка и економска ситуација на осамостоените држави. Тогашната одлука на поранешната југословенска Република Македонија – сега Република Северна Македонија, да се отцепи, има огромно историско значење и беше тешка но, нужна. Тоа нѐ спаси од учество во војна што се водеше не во име на Југословените, туку во име на отровниот национализам и алчност за концентрирање на моќта кај играчите од смртоносната лига. Изгубивме една татковина за да добиеме нова, помала, со надеж дека ќе ни биде подобро и дека сме куртулиле од војна. Без разлика дали ни се допаѓа ова, факт е дека независноста немаше никогаш да ја добиеме да не бевме дел од Југославија, ниту пак македонскиот јазик ќе доживееше конечно да биде кодифициран со сите почести. Ниту пак жените ќе имаа право на глас, ниту пак ќе можеше секој да се образува и да оди на годишен одмор.

И стасав секако до Југоносталгијата за која секако пишува и Чалиќ во титовата биографија. Во неа се огледува длабоката социјална несигурност, безперспективност и неутешителност што погоди милиони луѓе по распадот. Таа напоменува дека и до ден денес не се исполнети желбите, надежите и ветувањата за подобра иднина. Нивото на благосостојба на западните балкански држави дури и по триесет години од падот на социјализмот и војната, достигнува едвај една третина од просекот во Европската Унија а, невработеноста и ризикот од сиромаштија се високи. Овој податок никако не смее да биде обесхрабрувачки за нашиот пат кон ЕУ. Напротив, само покажува колку е голема корупцијата и криминалот на високо ниво во осамостоените држави. Чалич нѐ потсетува дека една четвртина од популацијата, доминантно од младата генерација и квалифицирана работна сила го напуштила регионот. Повикувајќи се на психолошката теорија, таа забележува дека носталгијата ја воздигнува благосостојбата затоа што погледот наназад повторно го пронаоѓа важното искуство што сме го делеле со други. Носталгијата е од една страна средство да се бориме со осаменоста и отуѓувањето, од друга страна стратегија да најдеме излез од минатото во една нова иднина.

Но, каде сме сега? Where are we now? – што би рекол David Bowie.

Веќе неколкупати сум кажала гласно, а сега сакам и да го напишам истото, дека Преспанскиот договор за мене е можеби едно од најдобрите нешта што ни се случиле во поново време. Непријатно и болно искуство но, токму таа географска одредница направи да проработи компасот за да се мрднеме од каменот на простодушната мудрост и паланечка гордост. Сите историски неприлики меѓу нас и неправди нанесени на славјанските жители од тие краишта(од другата страна на моја семејна линија), се работа со која треба да се бават Грците кога ќе им дојде време, кога тие ќе бидат подготвени за тоа. Нашето метафоричко море е сега мирно, иако студено. За да се затопли ни е потребна културна размена што ги дава и првите плодови кои и тоа како имаат врска со македонскиот јазик за којшто вреди да се бориме со творба.

Нашиот компас не е докрај асален од сите страни на светот. Држи аргументот дека соседна Бугарија и нејзината политичка фела нѐ уценуваат и никогаш не се изјасниле начисто за своето колабораторско минато во Втората Светска Војна. Сепак да не заборавиме дека Бугарија не е единствената членка во Европската Унија што го замачкува и глорифицира своето минато. Единствената држава што вистински се бавела со своето брутално минато е Германија. Нејзините колаборатори молчат и ден денес или пелтечат дека биле окупирани. Да не се правиме луди дека сите на овие наши простори биле партизани и антифашисти. И ние треба еден ден да се соочиме со домашните колаборатори.

Тешки се овие години на мрачна мафијашко-политичка игра на моќ. Овие оправдани поплаки и колективна меморија за злоделата направени во Втората Светска Војна сепак немаат никаква врска со барањата на Бугарија, Бугарите да се внесат како малцинство во нашиот Устав. Ова и тоа како има врска со политичко економските прилики од поново време.

Колку Македонци се изјасниле дека се чувствуваат како Бугари за да добијат бугарски пасош со којшто веднаш би имале право да конкурираат на работниот пазар во западноевропските земји како и Британија пред Брегзит? Кој беше тогаш на власт кај нас? Кој тоа дозволил во Бугарија да се доделат илјадници пасоши за стотици евра? Дали знаете дека и Албанци од Република Северна Македонија се обиделе да се пишат Бугари за да киднат во ЕУ но, на ниту еден не му било одобрено барањето?

Република Северна Македонија е мала и наместо да се бори за зачувување на својата европска иднина, природни ресурси, светско културно наследство, животна околина, права на маргинализираните, силно образование, добрососедски односи, меѓу другото, таа е исцрпена од животот во канџите на турбо – капитализам, национализам, уништување на природата и мерење на коњските сили со безтежинска вага.

Јазикот боли ама и лечи. Тој постои се додека на него се твори, зборува и чита. Никој не може да ви го одземе тоа право и оној што нема да го признае го покажува грубото психопатско лице на некултурата. Нека не ве чуди фактот дека антагонизмот помеѓу различните региони и Бундес републики во Германија е огромен, би рекла дека тоа е некакво перверзно културно наследство што се сведува на крајот од денот на црн хумор, жустри расправи и баснословен збир на литература. Сепак во реалноста владее правната држава, човечките права, стабилната економија, слободата на движење, конструктивната критика што тера нанапред, прогресивното и темелно образование, заштитата на околина, социјалната држава и секако германскиот јазик што се зборува и вон нејзините граници(германско говорно подрачје), и го прави културниот пазар и простор за размена малтене безграничен, продуктивен и богат.

Ние на Балканот се решивме да тргнеме секој по својот лингвистички пат и ни преостанува да се разбираме солидно во приватната комуникација и  да се преведуваме полека взаемно за да видиме дека на сите нам ни оди тешко, оти коровот на корупцијата и менгелето на политичките самоубици ни го затвара патот до другиот човек што живее во Европската Унија и го мачат слични проблеми, другиот човек со којшто би имале многу што да си кажеме, да се пожалиме и да се насмееме, заедно да носиме општествени промени. Сѐ додека народните пратеници се дават во своите задебелени вратови, запенети усти и лепливи прсти и нѐ убедуваат дека жителите од соседните земји нѐ мразат, ќе тонеме во безнадежност и безизлезност и комплетна изолација.

Само култура ќе нѐ спаси и ќе ни даде простор да се движиме слободно во нештата што ни се заеднички и што нѐ прават луѓе, соседи, пријатели, културни дејци, научници, професионалци, граѓани на светот.

И за крај на оваа колумна уште еднаш ќе се навратам на текстот Титосталгија од биографија на Тито од Чалиќ. Неговиот лик и дело живеат не само во срцата на многумина туку и на радио станиците и интернет форумите, преку титовите здруженија…Во Словенија на пример можете да доживеете носталгично патување со синиот воз а, постои и Кафе бар Тито во Сараево, меѓу другите начини да се сеќаваме на Тито…но, постојат и луѓе на овие простори што себеси се сметаат за комунисти и поставуваат прашање: А, во Германија имало комунисти? Бре, бре, Брехт!

Според податоците на Истражувачкиот институт Галуп по спроведенета анкета во 2016, 81%  Срби, 77%  Босанци, 65 %  Црногорци и 45%  Словенци се изјасниле дека отцепувањето не им донело предности туку недостатоци. 55 % Хрвати се изјасниле дека ја претпочитаат независноста а, во случајот со Косово ова мислење го делеле 75% од испитаниците. Во 2007, секој четврти жител во Словенија го сметал Тито за позитивна личност а, секој десетти жител за негативна.

Во оваа анкета, од причини што не се наведени, е изоставено мислењето на жителите на Република Северна Македонија. Во хаосот од лажни вести и нефункционални јавни гласила, ова мислење за жал се препелка во калта на социјалните мрежи.

Авторката е музичарка и текстописец

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни