Колку чини студирањето во Македонија и што останува од платата кога ќе се платат сите трошоци?

Повисоките приходи не значат автоматски и подобар стандард. За студентите, трошоците за домување, храна, превоз и студиски материјали стануваат сè поголем товар, а истата пресметка важи и за домаќинствата кои секој месец се обидуваат да ги покријат основните потреби.

Почетокот на академската година за еден бруцош би требало да значи ново поглавје, повеќе слобода и можност за образование. Но, за студентите кои доаѓаат од друг град, почетокот на студиите значи и сосема нова финансиска пресметка: каде ќе живеат, колку ќе плаќаат за храна, превоз, учебници, фотокопирање и сите оние трошоци кои често остануваат невидливи кога се зборува за цената на студирањето.

Податоците од анкета спроведена меѓу студенти на скопските универзитети покажуваат дека студирањето од финансиски аспект одамна не значи само плаќање школарина и купување учебници. За 53,3 отсто од испитаните студенти, најголем трошок е сместувањето, особено за оние кои студираат надвор од местото на живеење. Најголем дел од нив за домување издвојуваат од 5.000 до 10.000 денари месечно.

Речиси половина од анкетираните, односно 46,7 отсто, живеат во изнајмен стан и плаќаат кирија, додека 13,3 отсто се сместени во студентски дом. Само 26,7 отсто живеат со своето семејство во сопствен дом, а останатите 13,3 отсто навеле друга форма на сместување. Дури 80 отсто од анкетираните студенти доаѓаат од друг град.

По домувањето, следниот поголем трошок се школарините, кои ги издвоиле 26,7 отсто од студентите. Храната е најголем финансиски товар за 13,3 отсто од испитаниците, додека останатите трошоци вклучуваат интернет и телекомуникациски услуги, технологија, забава, кафулиња и ресторани.

Трошоците за превоз исто така не се занемарливи. Речиси половина од студентите издвојуваат пари за превоз, а најголем дел од нив трошат меѓу 1.000 и 2.500 денари месечно. Дел од студентите трошат до 1.000 денари, додека кај други патните трошоци достигнуваат од 2.500 до 5.000 денари.

Тука се и трошоците поврзани директно со студирањето. Повеќе од половина, односно 53,3 отсто од студентите, имаат трошоци за набавка на учебници. Дури 73,3 отсто секојдневно издвојуваат средства за фотокопирање, а 66,7 отсто за печатење материјали потребни за студиите.

Кога сите овие ставки ќе се соберат, за повеќе од половина од испитаниците, односно 53,3 отсто, месечните трошоци поврзани со студирањето изнесуваат меѓу 10.000 и 20.000 денари.

И токму тука студентската приказна се поврзува со пошироката економска слика.

За граѓаните, економијата не се мери само преку растот на БДП или преку бројката на просечната плата. Таа се мери и во продавница, на сметката за струја, во висината на киријата, во цената на билетот за автобус и во тоа колку пари остануваат на крајот од месецот.

Ако приходите растат, но паралелно растат и цените на основните производи и услуги, номинално повисоката плата не мора да значи и значително подобар животен стандард. На крајот, клучно е не само колку заработуваме, туку и колку можеме да купиме со тие пари.

Студентите се само еден пример за оваа пресметка. За оние кои мораат да се преселат во друг град, секое зголемување на киријата, храната или превозот директно го намалува буџетот за останатите потреби. За семејствата кои ги финансираат нивните студии, тоа значи дополнителен месечен товар.

Споредбата со 2021 година дополнително го покажува притисокот од растот на трошоците. Кај дел од меѓуградските билети поскапувањата достигнале околу 108 отсто, додека храната е поскапа за околу 50 проценти.

Практично, она што пред неколку години било редовен дел од студентскиот буџет, денес бара дополнително планирање. Студент кој во 2021 година можел двапати месечно да патува до дома со истиот буџет, денес за едно такво патување може да мора да доплати. Слично е и со храната и излегувањето: нешто што порано можело да се дозволи еднаш неделно, денес се сведува на еднаш или двапати месечно.

Затоа прашањето за животниот стандард не е само колку се зголемиле платите. Прашањето е што останува од нив откако ќе се платат киријата, храната, сметките, превозот и сите неопходни трошоци.

За економијата навистина да се почувствува како подобар живот, растот на приходите треба да оди во чекор со реалните потреби на граѓаните. Во спротивно, повисоката бројка на платата може да изгледа добро на хартија, додека во паричникот останува сè помалку простор за нешто повеќе од основното.

е-Трн да боцка во твојот инбокс