Search

Гостување на ХАРАЛД БЕХАРИ на Викендот на гордоста – Скопје 2024 со танцовиот перформанс BATTY BWOY

На 10 јуни, со почеток од 20:00 часот, во Денсинг салата во МКЦ ќе се одржи соло танцовиот перформанс BATTY BWOY, во изведба на норвешко-јамајскиот изведувач и кореограф Harald Beharie, кој доаѓа од Осло, Норвешка.

Batty Bwoy е солистички настап, што започнува не со прашање или со критика, туку со игра и желба, испреплетени со насилство и фина суровост. Преку реапропријација на поимот „Batty Bwoy“ од јамајскиот јазик, кој во буквален превод на англиски јазик значи butt boy (педер), користен како сленг за квир личност, делото ги искривува и испревртува митовите за црнечкото квир тело, откривајќи ранливи можности во една заемна интеракција на свесност и наивност.

Проучувајќи ја апсурдноста на квир монструозноста, Batty Bwoy артикулира со помош на порозноста на телата и јазиците, устите ги голтаат и ги блујат телесните фикции проектирани врз кожата.

Кореографската пракса на Харалд претставува колаборативно патешествие, навигација низ двосмисленоста и фантазмите, испресечени со теми на конструкција и деконструкција, надеж и несигурност, незаинтересираност и емоционален интензитет. Посебен интерес негува во техниката „Направи сам“ и во ранливоста да се биде во непознатото. Во потрага по дисекција на воспоставените корпореални и телесни наративи, нивното дело го слави спектарот на отелотворување – почнувајќи од патетичното до заносното, колапсот на изобилството, несигурноста пред непоколебливото, но сето тоа со доза на наивност и квир игривост.

Во 2023 година Batty Bwoy ја освои наградата „Хеда“ за Најдобра танцова продукција.

Дванаесеттото издание на Викендот на гордоста – Скопје, кој ќе се одржи од 5 до 16 јуни на четири локации низ Скопје: Музејот на современа уметност, Станица 26, МКЦ и Театар Комедија. Викендот на гордоста е фестивал за квир култура, уметност и теорија што создава простор за промоција на ненормативните форми на светообразување, односно, на односите, афектите, идентитетските позиции, телесните стилови и сензибилитетите што од хетеронормативниот, националистички и неолиберален капиталистички контекст се обележани како квир, ексцентрични и неуспешни.

Тематот на фестивалот оваа година е ОСТАНУВАЈЌИ СО НЕЛАГОДНОСТА. Со оваа тема, ги истражуваме потенцијалите и формите на соживот, знаење, светотворење и општествена трансформација, кои може да произлезат од останувањето со нелагодноста, или неволјата, тешкотијата, проблемот, чудното – како нешто што го опишува живеењето во кризни времиња, каде се скршени и изгубени нашите хегемониски, традиционални и здраворазумски алатки за навигација на животот и секојдневието.

Цртежот кој го визуализира концептот на фестивалот е дело на македонската уметница Христина Иваноска, и е оригинално изработен за овогодинешното издание.

Фестивалскиот постер, програма и зборник може да ги погледнете на следниот ЛИНК.

Фестивалот е во организација на Коалиција МАРГИНИ и ЛГБТИ Центарот за поддршка. Се реализира во партнерство со Медуза, ТрансФормА, Локомотива и Тииит! Инк., а благодарение на

несебичната поддршка на Американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), Heinrich Böll Stiftung, Министерство за култура на Република Северна Македонија, Фондација Отворено Општество Македонија, Friedrich Ebert Stiftung, Француската амбасада во Скопје, Transgender Europe, и International Trans Fund.

Вашето присуство на Фестивалот ќе ни претставува посебна чест и задоволство.

За сите дополнителни прашања и информации поврзани со Фестивалот обратете се на Славчо Димитров, куратор на Викендот на гордоста Скопје, на +38978208803.

Најново

Последни колумни