Епштајн-Бар вирусот (EBV) е еден од најраспространетите патогени во светот кој по влегувањето во човечкиот организам останува присутен доживотно. Истражувачки тим од Центарот за истражување на рак „Фред Хачинсон“ и Универзитетот во Вашингтон постигнаа значаен пробив со развивање лабораториски антитела. Овие антитела се прецизно насочени кон два клучни протеини на површината на вирусот, познати како gp350 и gp42.
Овие специфични протеини му овозможуваат на вирусот да ги отклучи и да се врзе за B-лимфоцитите, вид бели крвни клетки со централна улога во имунолошкиот систем. Со ефикасно блокирање на нивната активност, антителата го спречуваат вирусот уште на самиот почетокот да воспостави инфекција во организмот. Дополнително, научниците веруваат дека оваа блокада може да биде доволна и за спречување на подоцнежната реактивација на вирусот во текот на животот.
Развојот на вакви антитела со децении претставуваше исклучително тежок предизвик за научната заедница. За разлика од други патогени, EBV наоѓа начин да се врзе за речиси секој B-лимфоцит во телото, што ја прави изолацијата на специфични заштитни клетки премногу комплицирана. За да го решат овој проблем, истражувачите искористија нови технологии и специјално одгледани лабораториски глувци кои произведуваат генетички човечки антитела.
Кога животинските модели беа изложени на вирусните протеини gp350 и gp42, нивните клетки реагираа со прецизниот имунолошки одговор што го бараа научниците. Како резултат на ова, тимот успеа да изолира 10 нови антитела во лабораторија — две насочени кон gp350 и осум кон gp42. При тестирањата врз модели со имунолошки систем сличен на човечкиот, едно од овие антитела покажа исклучително висока заштита од инфекција.
Кога Епштајн-Бар вирусот предизвикува акутна болест, тој најчесто се манифестира како инфективна мононуклеоза, односно инфективна жлездана треска. По почетната фаза, вирусот преминува во латентна, заспана состојба во која може да стане многу поопасен, особено за луѓе со ослабен имунитет. Меѓу најголемите ризици е неговата поврзаност со развој на одредени видови лимфоми, автоимуни заболувања и мултипла склероза.
Една од најважните практични примени на овие антитела се очекува во областа на трансплантацијата на органи и коскена срцевина, каде што секогаш е потребна имунопресивна терапија. Вака ослабениот имунитет кај пациентите ги прави исклучително ранливи на реактивација на EBV и појава на пост-трансплантациски лимфопролиферативни нарушувања (PTLD). Со администрација на новите антитела, научниците се надеваат дека ќе го спречат неконтролираното размножување на B-клетките и ќе ги заштитат пациентите од тешки компликации.
Овој заштитен механизам ќе биде од посебна корист и за децата кои подлежат на трансплантација, а кои претходно никогаш не биле изложени на овој вирус. Иако претстои уште многу работа пред терапијата да стане достапна во болниците, следната фаза од истражувањето се движи кон безбедносни тестирања и клинички испитувања врз луѓе. Покрај борбата со EBV, истражувачите истакнуваат дека истиот иновативен метод може да послужи и за откривање заштитни антитела против низа други опасни патогени