На само 21 година, Ева Костиќ ja доби една од најголемите можни потврди за актерскиот талент – наградата „Срцето на Сараево“ за најдобра актерка за улогата на Сара во филмот „17“ на Косара Митиќ. Филмот, нејзината прва голема филмска улога, претходно беше прикажан и на Берлинскиот филмски фестивал, а Костиќ ја освои и наградата за најдобра актерка на фестивалот TOFIFEST во Торун. Денес, филмот е и македонски кандидат за „Оскар“, а за младата актерка признанијата доаѓаат во самиот почеток на професионалниот пат. Во разговорот за „Трн“, Костиќ открива што препознала во Сара уште при првото читање на сценариото, зошто не сакала само да ја „игра“ нејзината траума, како го доживеала моментот кога го слушнала своето име во Сараево и зошто, и покрај големото признание, најмногу чувствува – одговорност.
Трн: „17“ е твојата прва голема филмска улога, а веднаш дојде и „Срцето на Сараево“. Како ти изгледа сето ова од денешна перспектива – како сон или како нешто што сè уште не си го процесирала?
Ева: Сè уште не ми е до крај реално сè што се случува. Деновиве често се навраќам на моменти од снимањето, се потсетувам на желбата и енергијата со која работев и си велам: „Да знаеше таа Ева што ја чека, немаше да ѝ биде верно“, а и сè уште не ми е.
Огромна чест ми беше да присуствувам на Сараевскиот филмски фестивал, а целото искуство се заокружи со едно прекрасно признание. Да кажам дека сум благодарна е премалку за да се опише сè што чувствувам.
Трн: Што прво те привлече кај Сара? Што препозна во неа уште кога првпат го прочита сценариото?
Ева: Уште при првото читање на сценариото ја доживеав Сара како лик кој моментално дише меѓу овие листови и чека нејзината приказна да биде кажана на светот. Почувствував огромна емпатија кон неа. Особено ми се допадна тоа што нејзината приказна не беше ниту изромантизирана ниту нереална. Ја доживеав како млада девојка со свои соништа, желби и стравови, на која ѝ се случува нешто трагично.
Сакав да откријам што можам повеќе за неа, која е оваа личност надвор од сценариото, и да го донесам тоа во живот. Не сакав да го играм само тоа што ѝ се случува. Тежината на околностите веќе беше ставена на маса; мојата задача беше да доловам како таа личност, и покрај сè, продолжува да живее.
Трн: По Берлин, Торуњ и Сараево, филмот сега е и македонски кандидат за „Оскар“. Дали со секое ново признание чувствуваш поголем притисок за следната улога?
Ева: Не би рекла дека чувствувам притисок, колку што чувствувам одговорност. Среќна сум за сè што се случува и се надевам на уште многу нови соработки. Овие признанија ми се еден вид доказ дека сум донела вистинитост и правда на ликот што го играв. Би сакала да продолжам да осознавам нови ликови, знаејќи дека секој проект носи нови предизвици, но мислам дека токму тоа е убавината на глумата.


Трн: Во Сараево ја доби наградата за најдобра актерка во конкуренција со многу поискусни актери. Што ти помина низ глава во моментот кога го слушна своето име?
Ева: Морам да признаам, првото нешто што ми падна на ум беше на кој јазик да зборувам. Иако сум Македонка и имам босанско потекло, повеќето од оние што излегоа на сцената зборуваа на англиски. Не знаев што е најприкладно во тој момент.
Сè ми беше нереално, до степен што не паметам ништо од моментот кога го слушнав името до моментот кога излегов од сцената. Само што излегов од сцената, видов што всушност држам во рацете, седнав на првото столче што го најдов и почнав да плачам од среќа како мало дете. Замачканата глетка на „Срцето на Сараево“ од моите солзи мислам дека цел живот ќе ми биде врежана во главата.

Трн: Дали наградата те направи посигурна актерка или само посвесна колку многу уште не знаеш?
Ева: И двете. Се чувствувам посигурно затоа што ми е драго што оваа приказна резонира меѓу луѓето, а тоа ми беше многу важно додека работев на овој лик. Од друга страна, свесна сум колку уште имам да научам и да искусам и возбудена сум за новите можности.
Трн: Пред „17“ имаш искуство од академската сцена и студентски продукции. Што те научи театарот што подоцна ти помогна пред филмската камера?
Ева: Мислам дека театарот и филмот се доста различни во начинот на кој се реализираат нештата. Иако темелот е многу важен и ми помага за насочување и во двете полиња, на крајот од денот мораш да најдеш начин како да црпиш од самиот живот. Верувам дека така се случува магијата во која било уметност.


Трн: Ова е огромен почеток на кариерата. Каква актерка сакаш да станеш? Дали имаш желба да останеш во филмот или те привлекува и театарот?
Ева: Ги сакам и двете, но ако морам да бирам, би одбрала филм. Има некоја хипноза во тоа кога ќе отидеш во кино и филмот ќе успее да те однесе во сосема друг свет, а сепак се чувствуваш како да си токму таму каде што треба. Порасната сум со филмови, имам научено многу од нив и тие оформиле голем дел од мојот карактер. Така што филмот секогаш ќе ми биде на прво место.
Трн: Има ли лик кој особено би сакала да го играш?
Ева: Имам голема желба да ги играм Госпоѓица Јулија или „Ана Каренина“ во театар, а што се однесува до филмот, мислам дека би била добар Џек Спероу, ако некогаш решат да направат женска верзија на ликот.