Без термин и без лек: Пациентките на Онкологија повторно турнати во неизвесност

Универзитетската клиника за онкологија се извини за доцнењето на биолошката терапија „Фесго“, но не објави кога пациентките со рак на дојка ќе го добијат лекот.

Пациентките со HER2-позитивен карцином на дојка кои во петокот, на 16 октомври, дојдоа на закажан третман на Клиниката за онкологија во Скопје, си заминаа дома без биолошката терапија „Фесго“. Клиниката упати јавно извинување поради застој во дистрибуцијата, но не наведе нов датум за прием на лекот. За жените што водат битка со агресивна болест, прекинот на протоколот значи директно туркање во неизвесност каде што секој изминат ден носи страв за исходот од лекувањето.

Во своето соопштение, раководството на Клиниката за онкологија истакна дека е свесно за важноста на навремената терапија и за загриженоста на пациентките. Според институцијата, проблемот со доставата на лекот „Фесго“ настанал надвор од нивна директна контрола, односно кај надворешните дистрибутери.

Сепак, во официјалното известување установата не го наведе името на дистрибутерот, ниту прецизираше колку точно жени останаа без терапија. Закажаните термини поминаа, а образложението заврши со повик за трпение и разбирање, додека надлежните се обидуваат да го обезбедат лекот.

Терапијата „Фесго“ содржи две таргетирани активни супстанции – пертузумаб и трастузумаб. Европската агенција за лекови (ЕМА) пропишува дека овој биолошки третман се дава како поткожна инјекција кај одредени стадиуми на HER2-позитивен рак на дојка, со точно дефинирани интервали за да се блокира растот на малигните клетки.

Секое институционално пролонгирање директно влијае врз ефикасноста на онколошкиот протокол. Ова не е прв застој годинава што предизвикува страв кај жените дека досегашниот тек на лекување може да биде компромитиран.

Директорот на Клиниката, Игор Стојковски, на 8 октомври изјави дека се можни минимални доцнења на одредени терапии поради проблеми со дистрибутивните канали. Тогаш беше најавена идејата за воведување тригодишни јавни набавки, мерка што би стапила во сила дури со тендерот за 2027 година.

Само осум дена по таа изјава, системот повторно потфрли на терен, покажувајќи дека долгорочните планови не ги решаваат итните потреби на жените кои денес чекаат пред амбулантите.

Прекините во синџирот на набавки беа тема на остри критики и на 6 август, кога започна испорака на дел од дефицитарните лекови. Ана Марјановиќ од здружението „Хема-Онко“ тогаш алармираше дека парцијалните пратки создаваат лажно чувство на сигурност.


„Не можеме да се бориме со ракот, со ад хок решенија, со краткотрајни решенија“, порача тогаш Марјановиќ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс