Search

Дела од уметникот Борко Лазески за прв пат изложени пред македонската јавност

Вчеравечер во Галеријата Остен беше отворена изложба на Борко Лазески, пригодно сеќавање по повод 30 годишнината од неговата смрт. На изложбата беа презентирани дела кои јавноста претходно ги нема видено и тие се во сопственост на неговата ќерка, Росица Лазеска. Женски актови, портрети, ликови се дел од оваа изложба посветена на дела кои настанале во атељето на неговиот учител во Париз, Андре Лот. Борко Лазески е единствен македонец кој ја посетувал школата на Андре Лот.

„Се работи за еден исклучително суштествен период кој го карактеризра и влијае на неговите чекори понатаму, создавањето на неговата уметничка и креативна определба како уметник“,  изјави за Трн, Корнелија Конеска, кустос на изложбата.

Тоа е основата и за време на целиот свој живот Борко Лазески зборувал дека неговиот учител е Андре Лот.

Корнелија Конеска, директор на Галерија Остен

Борко Лазески во текот на целиот свој живот создавал монументални дела и бил во тек со модерните, најсовремените уметнички текови во своето време.

На прашањето која е позадината за тоа што Борко Лазески сликал многу историски теми, теми од НОБ, Окупаторот…, Корнелија одговори:

„Веднаш по војната, заминува за Париз. Меѓутоа во текот на војната не бил во можност да го изгради својот уметнички стил и се разбира бил се уште млад уметник, а Париз бил центар на светот за уметност во тој период и тој се интересирал за монументални дела од две причини, прво фрескосликарството кое има длабоки корени и во македонската традиција и втората причина е тоа што тој се залагал за уметност достапна за сите, а како таква уметност ја сметал онаа создадена на јавни простори. Затоа многу се интересирал за ѕидната уметност и фреското сликарство го специјализирал на Академијата за ликовни уметности во Париз. Меѓутоа паралелно со академијата ја посетувал и школата на Андре Лот, која што била еден вид на меѓународна академија и престојувале и професионално се граделе многу уметници од целиот свет, вклучително Тамара де Лемпицка, Ханс Хартунг, Дора Мар, Анри Картие-Бресон, Вилиам Клајн и други уметници, а Борко Лазески е единствениот македонски уметник кој што престојувал таму и тоа скоро три години“.

Голем дел од делата на Лазески се или сосема руинирани или се сосема исчезнати. Корнелија ни одговара што се случува со дел од делата кои биле спасени, дали се реставрирани и конзервирани.

„Не, се уште не, со оглед на тоа што е неизвесно што ќе се случува со Шалтер салата на Македонска пошта, сега засега нема конкретна информација дека ќе се реставрираат.

Во Музејот на град Скопје има скици или картони кои Музејот вети дека ќе ги реставрира, но се уште нема ништо како информација што е направено за нивно зачувување.

Најмонументалната фреска 5 х 25 метри должина е направена во Старата железничка станица и истата опфаќала 225 метри квадратни на фреско сликарство. Разрушена е за жал во текот на земјотресот, но скиците постојат“, вели таа.

Инспирацијата на уметниците е многу интересна работа. Музата треба да дојде, ама треба да те најде каде што работиш, рекол големиот Пикасо.

Она што е најважно за Борко Лазески е дека тој е припадник на пост кубистичкиот период и точно оваа изложба го претставува тоа негово барање, тоа негово истражување и на крај определување за тој правец. Во тоа негово барање на сопствениот идентит како уметник најмногу му помогнал Андре Лот, токму затоа што и самиот ги следел правците на посткубистичкиот период и едноставно тоа Борко го научил од него.

Во школото имало многу студенти и сите сликале еден модел, сликање со површини, мешање на бои и гледањето на фигурите и предметите во природата со комплетно геометризирање, тоа е суштината на кубизмот, како и сликање со површини. Линијата е комплетно минимизирана, има одреден ритам целата композиција.

Во рамки на изложбата, има и едно дело на Андре Лот, кое е дел од колекцијата на Остен, а идејата беше во еден простор да се прикажат дела и од ученикот и од учителот, за да се видат влијанијата

На изложбата беше и Соња Абаџиева, историчар на уметност и голем проучувач и почитувач на ликот и делото на Борко Лазески. Таа околу најмонументалните дела од Лазески изјави:

„Јас колку што знам се забаталени, наједноставно кажано. Еве сѐ му пропаѓа нему. Му пропадна делото во Стара Железничка станица, потоа во Пошта, иако велат дека нешто работат божем на тоа дело, ама не верувам дека нешто ќе направат, а големите картони од делото во стара железничка станица исто така, никој не ги конзервирал, никој не ги реставрирал! За жал тоа се големи загуби!

Најново

Последни колумни