За време на викендот политичари, новнари и познати личности се дружеа на годишната Вечера на дописниците во Белата Куќа, каде што комичарот Рој Вуд Јуниор ги забавуваше присутните, но не изостанаа ни шегите на претседателот Џо Бајден.
Бајден ја искористи можноста да и се обрати на присутните и да ја поддржи слободата на медиумите за да испрати јасна порака: „Новинарството не е криминал“. Тој го започна својот говор сериозно, но веднаш потоа се осврна на погрешните притворања на американските новинари Еван Гершкович во Русија и Остин Тис во Сирија, уверувајќи ја просторијата полна со новинари и семејствата на затворениците дека неговата администрација е посветена да ги врати дома.
„Ви ветувам, работам напорно за да ги вратам дома“, рече Бајден.
Тој брзо потоа се префрли на полесни теми, шегувајќи се за состојбата на кабелските вести и републиканците. Но, неговите најсмешни шеги на вечерта можеби беа за неговата возраст, која стана главна тема во пресрет на претседателските избори во 2024 година. „Сфаќам дека возраста е сосема разумно прашање, тоа е во умот на сите“, рече тој. „И под сите, мислам на Њујорк Тајмс“.

Како пример, тој прочита лажен наслов напишан од пародичен профил на Твитер: „Наслов: „Возраста на Бајден е важно прашање. На Трамп, сепак, не е.“ Продолжувајќи ги шегите за неговата возраст тој рече: „Ме нарекувате стар? Јас би рекол искусен. Велите дека сум антички? Јас велам дека сум мудар. Велите дека сум стар и на залезот? Дон Лемон би рекол дека сум човек во неговите најдобри години“.
Бајден се пошегува и за тоа како ги избегнува прашањата на медиумите. „На многу начини, оваа вечера ги сумира моите први две години на функцијата: ќе зборувам 10 минути, ќе одговорам на нула прашања и весело ќе си заминам“.
Американскиот претседател продолжи и со шегите за умерено пиење за време на вечерата. „Сакам сите да се забавуваат вечерва, но ве молам бидете безбедни. Ако се најдете дезориентирани или збунети, тоа е или дека сте пијани или сте Марџори Тејлор Грин“, алудирајќи на Републиканката од Џорџија која е позната по окнтраверзните изјави вклучително и дека децата треба да се „тренираат со огнено оружје“, сугерирајќи дека биле организирани пукања во училиштата и поддршка на теориите на заговор во врска со „еврејските вселенски ласери“ и QAnon.
Навраќајќи се на темата за неговата вораст тој се пошегува и со сопственикот на Фокс њуз, Руперт Мардок. „Можеби мислите дека не ми се допаѓа Руперт Мардок. Тоа едноставно не е точно. Како би можел да не ми се допаѓа човек кој ме прави да личам на Хари Стајлс?“.
Бајден се пошегува за неодамнешните скандали на неговиот претходник Доналд Трамп. Тој се пошегува дека му биле понудени 10 долари за да го ограничи неговиот говор на помалку од десет минути. „Тоа е пресвртница, на претседателот му се нудат пари за замолчување“, се пошегува тој во врска со обвинението на Трамп во наводна шема давање на пари за замолчување.
Бајден, исто така, се пошегува и со гувернерот на Флорида, Рон Де Сантис, против кого Дизни поднесе тужба обвинувајќи го дека ја казни компанијата за користење на правата за слобода на говор со неговото политичко влијание.
„Имав подготвени многу шеги на Рон ДеСантис, но Мики Маус ме победи по ѓаволите, тој прв стигна таму“, рече Бајден. Де Сантис најверојатно ќе биде главен кандидат за претседателската номинација на Републиканската партија, доколку влезе во трката во 2024 година.