Search

Крај Вардарот се случи џез (по петти пат)

Со визија да се претстави една нова музичката култура и музичката свест во земјава преку иновативна фестивалската програма, се случи годинешното петто издание на џез фестивалот „Крај Вардарот Џез“ чии идејни творци се Мирко Попов и Владан Дробицки.

По настапот на „Cobalt Code Unit“ на отварањето на фестивалот, втората фестивалска вечер ја одбележа музичко-поетскиот проект „Мирисот на липите“ на Дуња Иванова на пијано и Тина Иванова, како автор на текст и наратор на приказна и концертот на Биг Бендот под диригентската палка на Љупчо Мирковски со музика на еден од стожерите на современата џез композиција – Кире Костов.

-Се работи за приказна која ја имавме јас и Мирко веќе долги години наназад. И заклучивме лани кога почнавме да го спремаме фестивалот, дека ако успееме да најдеме средства, барем минимални, ќе склопиме вечер во која би имале оркестар. Изборот падна на музиката на господинот Кире Костов, затоа што јас и Мирко сметавме дека тој е еден од доaјените на македонската, прво модерна поп музика, а второ и еден од дојените на македонскиот џез. Господинот Кире Костов е еден од перјаниците на македонската инструментална џез музика и во разговори со Мирко рековме добро, ова е човекот на кој треба да му посветиме концерт- вели Владан Дробицки.

Костов е едно од најзначајните имиња во современата џез музика, чија работа опфаќа бројни ангажмани и дела, меѓу кои: солист и диригент на Танцовиот оркестар на РТВ Скопје, наградуван трубач во Југославија, претставник во Биг бендот на Европската радиодифузија, автор на околу педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот и 300 песни во популарната музика и реализатор на сите изданија на Скопскиот фестивал од 1991.

-На фестивалот изведовме девет композиции од Кире Костов. Дел од нив се инструментални, а дел вокални, но изведени во инструментална верзија од членовите на нашиот Биг Бенд. Сакаме на тој начин да го одбележиме творештвото на Кире Костов, иако е многу малку време за тоа во овие 60 тина минути – вели диригентот Љупчо Мирковски.

Кире Костов како автор за многумина е многу специфичен во својот џез пристап. Тој има композиции кои се типично џезерски за ваков состав на за Биг Бенд. Но најмногу од неговите дела се засноваат на некои теми од македонски стари народни песни, изворни, како и преработки за Биг Бенд.

-Неговите оригинални теми исто така се засноваат на база на џез, на основите на џезот, меѓутоа со многу македонски фолклор вметнат тука. Неспорен факт е дека победничките фестивалски песни оставија голем впечаток на македонската музичка сцена и повеќе од 30 години се вртат на програмите и верувам дека ќе останат за навек. Такви препознатливи рефрени мислам дека можеше само Кире да прави кај нас- вели Мирковски.

Годинешното фестивалско издание на „Крај Вардарот Џез“ кое започна си концертите на „Cobalt Code Unit“, Биг Бендот, Дуња Иванова, ќе заврши со фестивалска фвечер на „Macedonian Free Society“, и „Поетроника“ во Културрниот центар „Лабораториум“. Фестивалот е продолжување на мисијата за подигнување на музичката култура и на музичката свест во земјава.

-Мирко не би сакал да застанеме. Мислам ако нешто знам, знам дека ќе кажеше – луѓе нема назад. Значи имаме мисија пред себе, а мисијата е подигнување на музичката култура генерално и на музичката свест во Македонија, во Скопје конкретно. Претставување на нова музика и нема назад од тоа. Мора само да се калеми, да се работи – вели Дробицки.

Најново

Последни колумни