Русија со вештачка интелигенција лажира напредок на украинскиот фронт

Војници исчезнуваат среде кадар, а знамиња се топат по покривите на снимките со кои руски единици симулираат заземање населби.

Руски воени извори и провоени блогери сè почесто користат снимки генерирани или изменети со вештачка интелигенција за да прикажат руски војници во украински населени места што воопшто не се освоени, објави американскиот Институт за проучување на војната (ISW). Аналитичарите од јуни до крајот на август идентификуваа најмалку 35 сомнителни видеа на кои војници развиваат знамиња, создавајќи дигитален привид за територијален напредок на теренот.

Комерцијалните софтвери за детекција на вештачка содржина со висока прецизност потврдија манипулација кај најмалку десет од анализираните 35 снимки. Истражувачите од ISW проценуваат дека реалниот број е значително повисок, со оглед на тоа што сегашните детектори не ги препознаваат сите технички интервенции.

На снимките најчесто се прикажуваат војници што поставуваат руски знамиња на покриви или јавни објекти. Овие материјали веднаш се пласираат на социјалните мрежи како наводен материјален доказ за воена контрола врз конкретното подрачје.

Манипулираните видеа содржат низа визуелни дефекти типични за генеративните модели. Аналитичарите забележале неприродни телесни пропорции кај војниците, нелогични сенки на теренот и луѓе или предмети што ненадејно исчезнуваат од кадар.

На дел од кадрите руското знаме буквално се топи во конструкцијата на покривот. За да ги прикријат ваквите грешки, авторите на видеата користат брзо тресење на камерата, нагло зумирање или намерно го намалуваат квалитетот на резолуцијата пред објавата на Телеграм.

Институтот наведува дека засега нема докази оти станува збор за централизирана директива на рускиот воен врв. Видеата ги објавуваат засебни единици и воени блогери на свои канали.

Постои реална веројатност дел од командантите на терен да ги користат овие лажни снимки за да прикажат исполнување на воените цели пред сопствените претпоставени. Со дигитални знамиња во пракса се прикриваат неуспесите на фронтот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс