76 години од Титовото НЕ на СССР и Сталин

Денес се навршуваат 76 години од силното „Не“ на Јосип Броз Тито на СССР и Сталин. Спорот помеѓу Југославија и СССР се сведуваше на тоа што советската влада сакаше да ја контролира југословенската внатрешна и надворешна политика, додека југословенската влада, по тешко изборената слобода во Втората светска војна, сакаше да остане независна и самостојна, а не да стане послушна советска сателитска држава.


Несогласувањата започнаа во облик на критики од страна на ССР за наводни грешки во градењето на социјализмот и обвинувања дека Комунистичката партија на Југославија (КПЈ) води „антисоветска политика“. Ваквите обвинувања беа отфрлени од страна на КПЈ.


Според поновите истражувања, позадинските причини за несогласувањата е спротивставувањето на Сталин на обидот на Тито да ги стави под своја контрола Албанија и Грција, во соработка со Бугарија, односно да се воспостави Балканска федерација, моќен источноевропски социјалистички блок, кој нема да биде под контрола на Москва.


По испораката на вооружување за Југославија во 1944 и 1945 година, Советскиот сојуз очекувал за возврат да има право од Југославија да бара разни отстапки и потчинување.


СССР се мешал во внатрешните политики на Југославија со низа на барања, од кои најдрастично било барањето да се формира советска разузнавачка служба во југословенските институции. На 18 и 19 март 1948 година, СССР ги повлече сите свои воени и цивилни експерти од Југославија и одби да преговара за склучување на трговски договори, а имаше и закани за економски санкции.
Резолуцијата на Инфобирото од 28 јуни 1948 година го осудува југословенското раководство, а познатото „Не“ на Тито на Москва доведе до вистински турбуленции во СССР.


Сталин по победата во Втората светска војна имаше апсолутна моќ и било какво одбивање беше опасно и не можеше да се исклучи дека советските војници ќе започнат војна и со Југославија. Карло Штајнер, југословенски комунист, кој тогаш невин излежуваше 20-годишна казна во советски концетранциони логори, во својата книга „7000 денови во Сибир“, наведува дека кратко по југословенското „Не“ бил повикан од советското министерство за безбедност и му било понудено јавно да ги оцрни Тито и КПЈ, во замена за помилување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс