Search

5 Мај – Ден на македонската азбука и на македонскиот јазик

На денешен ден, 5-ти мај во 1945 година, со Решение на Народната влада на Федерална Македонија била усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а по два месеца, тогашното Министерството за просвета го озаконило првиот правопис на македонскиот јазик.

Во 2019 година, на 16- ти април на 130- тата седница на Владата на Република Северна Македонија била донесена одлука 5- ти мај да биде прогласен за Ден на македонскиот јазик, во чест на ова решение.

Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со основоположничките дела на Блаже Конески: Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик, како и со ангажманот и делото на македонскиот деец и автор на првата Македонска граматика – Круме Кепески.

Развојот на денешната македонска азбука датира од појавата на глаголицата и потоа со замената на глаголицата со кирилца и со постепено развивање и усовршување на гласовно-графичкиот систем.

Македонската азбука е официјално и единствено писмо на македонскиот јазик со службен статус на територијата на Република Северна Македонија. Современата македонска азбука се темели на кириличната азбука на Крсте Петков Мисирков, а некои ортографски знаци се преземени од азбуката на Вук Караџиќ, иако Крсте Петков Мисирков користел знаци за истите тие гласови.

Македонскиот книжевен јазик е јужнословенски јазик со една од најстарите книжевнојазички традиции и службен јазик во Македонија. Спаѓа во групата на јужнословенски јазици, а го зборуваат околу 3 милиони говорници во Македонија, Грција, Албанија, Бугарија, Австралија и други земји.

Денес го одбележуваме овој ден, 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, за да му оддадеме почит на минатото и за да се обврземе кон иднината, дека јазикот не треба само да го чуваме, туку и да го негуваме, да го афирмираме и развиваме. Да твориме на македонски јазк.

Најново

Последни колумни