Search
Разговор со Ненад Стевовиќ, Или Или

20 години Или Или, 300 наслови и многу причини за славење и гордост

Ненад Стевовиќ е дел од издавачката куќа Или Или која годинава прославува јубилеј од 20 години постоење со над 300 наслови објавени или преведени на македонски јазик. Во издавачката дејност важи за профилиран издавач на некомерцијална литература која ја слави вистинската литературна вредност. Тој е еден од првите издавачи кој им даде ветер во грб на веќе признаените македонски писателски имиња и за тоа вели дека е најубавиот дел од приказната на Или-Или. Првата издадена книга „Читачот“ од Бернхард Шлинк досега има неколку изданија и илјадници продадени примероци.

Трн: Која книга ја имаше в раце кога реши лебот да го вадиш со објавување книги? Се доживуваш себеси како издавач, или како книжар? Во која улога се чувствуваш најудобно? 
 

Ненад: Во почетоците на Или-Или книжарството беше нашата единствена дејност, а издаваштвото нешто за што допрва требаше да се размислува. За потребите на книжарницата набавувавме доста книги од Белград, па така во една прилика го донесов и „Читачот“ од Бернхард Шлинк. Во тоа време (2003 г.) не ми беа познати ниту авторот ниту книгата, корицата беше некако неутрална, па на прва, без да ја разгледам, помислив дека се работи за книга за книжевна рецепција и ја сместив меѓу книжевно теориските книги во рафтовите на нашата мала книжарница во културниот центар Точка на Илинденска (денешен Бруталиск). По ден-два, откако повнимателно ги разгледав донесените книги, ја сфатив мојата заблуда и нешто ме повлече веднаш да почнам да го читам романот. Толку многу ми се допадна што станав опседнат со тоа „Читачот“ да биде првенче во издаваштвото на Или-Или. Бргу ги регулиравме авторските права, а Ксенија Чочкова се нафати да го преведува. Целиот тој процес од подготовка до реализација на една книга ми беше толку возбудлив што веќе немаше враќање назад. Нема да го заборавам моментот кога го отворавме првиот пакет со книгата дојден од печатница. Реално кажано, тоа прво издание на „Читачот“ и не беше баш најсјајно обликувано и испечатено, далеку од тоа, но нашата радост и возбуда беа неизмерни и чувствуваме како во рацете да ја држиме најубавата книга на светот. Сè уште го имам тоа убаво чувство и возбуда кога одам во печатница по новите книги. 

Што се однесува до второто прашање, се чувствувам како издавач кому книжарницата му е канцеларија. 

Трн: Те препознаваат како издавач кој ги афирмира домашните автори и под капата на Или – Или се родиле многу значајни писателски имиња. Како си ги препознавал низ годините? 

Ненад: Благодарам за констатацијата во твоето прашање, многу ми значи. Не би можел да кажам дека тоа се случувало свесно, плански, но супер е што се случи. Во тоа време попознатите македонски автори веќе имаа издавачки куќи со кои соработуваа подолги години и нашиот фокус беше преводната литература. Но се појави една извонредна генерација на млади талентирани писатели и можам да кажам дека тие нè препознаа нас, нашата отвореност, сензибилитет, достапност; нашата книжарница-канцеларија беше отворена за сите, лесно комунициравме, соработувавме, другарувавме, а сето тоа, како што велите „под капата на Или-Или“, резултираше со извонредни резултати и тоа е најубавиот дел од приказната на Или-Или. Нормално, сигурно се случувале и некои пропусти, сигурно сме испуштиле некој добар ракопис, ништо намерно.  Во едицијата ПРОаЗА покрај оваа нова генерација се вклучени и дела на писатели од средната и постарата генерација и тоа е нешто што на едицијата ѝ дава уште повеќе на тежина. Ете, го имаме и Влада Урошевиќ и голем комплимент се зборовите на професорот дека многу му значи што неговите дела се застапени во оваа едиција; ПРОаЗА со досега објавените 224 книги е без сомнение ризница на преводната и македонската литература и од ваква едиција мислам дека не би се засрамил ниту еден европски издавач. 

Трн: Светот околу нас забрзано се дигитализира, вештачката интелигенција почнува да истиснува разни професии, луѓето сè повеќе користат визуелни платформи за комуникација. Дали книгата во својата традиционална форма станува елитистички медиум, или медиум на маргините на човештвото? 

Ненад: Да, се водат доста дебати околу овие прашања, постои некое чувство на вознемиреност, можеби страв, неизвесност. Не знам што би одговорил на ова прашање, не сум ниту доволно упатен, можеби ниту доволно љубопитен, но ми се чини дека постои еден силен сентимент околу книгата во нејзината традиционална форма и дека иднината на книгата не е загрозена. Се надевам.

 

Трн: Или – Или. Или ич, или брич. Колку години трае приказната за издавачката куќа? Дали, како издавачи имате задоволителен пристап до издавачки програми и проекти кои овозможуваат континуиран доток на книги до вашите читатели? Што работите во моментов? 

Ненад: Како книжарница 21 година, како издавач нешто помалку. Со оглед на нашата издавачка ориентација која не е фокусирана на комерцијалата, зависни сме од тие програми, конкурси, грантови и засега не се снаоѓаме лошо. До крајот на годината ќе ги објавиме новите романи на Фросина Пармаковска, Хана Корнети, Сашо Кокаланов, потоа преводите на „Киклоп“ од Ранко Маринковиќ, на мемоарската книга „Идис“ од Роберт Бадентер, на есеистичката книга „Едно лето со Рембо“, како и на едно капитално дело „Латински цитати, изреки и фрази“ приредено и подготвено од Светлана Кочовска Стевовиќ. 

Трн: Која книжарница од Скопје во осумдесеттите ти беше најомилена? Некои велат дека тоа било златното доба на македонското издаваштво. Која ти е омилена книга од тој период? 

Ненад: Тоа беа книжарниците сместени во зградата на ФМУ, култната антикварница на Култура и книжарницата Нолит. Кундера во тоа време беше автор што многу ни значеше. Неколку години подоцна, на почетокот од деведесеттите, во непосредна близина се отвори првата приватна книжарница кај нас, книжарницата Табернакул, каде што и јас ја започнав мојата професионална дружба со книгите. Тоа за љубителите на книгата беше омилениот триаголник во градот.

Трн: Ти си еден од ретките што можеби квалитетот го ставаат пред профитот. Како успеваш со издавање на некомерцијални наслови да се одржуваш како издавач и книжар? 

Ненад: Тешко, но тоа е свесен избор и затоа нема што да се жалам. Иако сме 20 години на издавачката сцена, имаме околу 300 објавени книги, фантастични преводи, многу наградени, преведувани и веќе етаблирани автори, јас секогаш ќе ја сметам Или-Или за мала и убаво профилирана издавачка куќа, тоа и реално е така, и јас најприродно се чувствувам во таа позиција. Убаво е да си мал издавач што прави значајни работи, што открива, што придвижува. Заедно со другите „мали“ издавачи – Темплум, Бегемот, Артконект, Блесок, Готен, Чудна шума, Сказнувалка, Гаврош, ПНВ Публикации… Тоа е крвотокот на македонското издаваштво.  

Трн: Кој е твојот топ 5 наслови од литературата? 

Ненад: Уф, ме вознемирува кога треба да направам некаков избор, тешко ми е од океанот да издвојам 5 работи. Денес би одговорил едно, утре друго. Но еве за денес: „Пред огледалото“ од Венјамин Каверин, „Херои и гробови“ од Ернесто Сабато, „Заговор на лудите“ од Џон Кенеди Тул, „Волшебникот“ од Џон Фаулс и „Катедрала“ од Рејмон Карвер. 


 

Трн: За што сонува Ненад? И што сонува Ненад? 

Ненад: Сонувам Или-Или да има вековна традиција, приказната да не заврши со нашето физичко постоење туку да продолжи и за идните генерации водена од некои нови ентузијасти, збогатена со нивните идеи, водена и попаметно и помудро но со почит на дотогаш направеното. 
 

Најново

Последни колумни