Францускиот претседател Емануел Макрон се нашол во невообичаена ситуација додека го напуштал седиштето на Обединетите Нации во Њујорк.
Додека Макрон со своите соработници се упатувал кон француската амбасада неговото возило било запрено поради колоната во која се наоѓал неговиот американски колега Доналд Трамп.
Како што се гледа на видеото што се појави на социјалните мрежи, Макрон му пристапил на полицаец за да го праша за блокадата на патот.
Полицаецот, извинувајќи се, му објасни дека не може да помине, бидејќи сè е блокирано поради колоната Трамп.
Потоа, Макрон го зема телефонот и му се јавува на Трамп: „Како си? Погоди што се случи? Чекам на улица бидејќи сè е затворено поради тебе“, му рече францускиот претседател на Трамп, насмевнувајќи се.
Потоа, како што објавија локалните медиуми, тој решил да пешачи, опкружен со обезбедување, до француската амбасада, што траело околу половина час, продолжувајќи го разговорот со Трамп.
За време на прошетката, тој се фотографирал со луѓе кои го препознале.