Студенти и земјоделци ќе го блокираат Белград

Денеска, на плоштадот Славија во Белград, со почеток во 16 часот, ќе се одржи голем заеднички протест на студентите и земјоделците, на кој се очекува да им се приклучат и граѓани.

Студентите, кои веќе неколку недели ги блокираат факултетите, најавија организирано присуство на протестот. Според информациите од социјалните мрежи, собирањето на Славија е планирано од 16 до 16:30 часот.

По петнаесетминутно молчење, со кое ќе им се оддаде почит на жртвите од несреќата на Железничката станица во Нови Сад, од 16:45 до 18:00 часот ќе биде изведен студентски перформанс. По чистењето на плоштадот, студентите ќе се вратат на блокадите. За денешниот собир не се најавени обраќања или говорници.

Блокадите на факултетите во Србија започнаа на крајот на ноември, по нападот врз студентите на Факултетот за драмски уметности во Белград, додека оддаваа почит на загинатите при падот на настрешницата во Нови Сад. На 2 декември, група студенти ја блокираа зградата на Ректоратот на Универзитетот во Белград, како и Филозофскиот и Филолошкиот факултет. Од тогаш, бројот на блокирани факултети постојано расте, со поддршка од професори, активисти и граѓани.

Според последните информации, повеќе од 50 државни факултети во Србија се под блокада, вклучувајќи ги универзитетите во Белград, Нови Сад, Ниш и Крагуевац. Студентите бараат одговорност за несреќата во Нови Сад и објавување на документацијата за реконструкцијата на железничката станица.

Провладините медиуми во Србија ги напаѓаат студентите кои ги блокираат факултетите, нарекувајќи ги „насилници“ и „платеници“.

Сепак, протестите продолжуваат, со поддршка од различни општествени групи, вклучувајќи ги и земјоделците, кои денеска ќе им се придружат на студентите на плоштадот Славија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни