Скејтбордер се пожали дека олимпискиот медал му се уништил, организаторите најавија дека ќе му го заменат

Фото: X/@nyjah

Скејтбордерот Најџа Хјустон од бронзен медалист, стана нешто како бронзен медалист, откако на социјалните мрежи тој објави дека неговиот медал започнал да го губи сјајот и да изгледа ‘рѓосано само неколку дена по освојувањето.

„Овие олимписки медали изгледаат одлично кога се нови, но откако ми ја допираше потната кожа малку и им го дадов на пријателите за време на викендот, се познава дека не е многу квалитетен како што луѓето мислат. Погледнете го, изгледа лошо, дури и напред, започна да се рони. Не знам, мислам дека олимписките медали треба да го подобрат квалитетот“ рече Хјустон и додаде дека неговиот медал изгледа како да бил во војна.

Медалите кои олимпијците ги добиваат во Париз содржат дел од Ајфеловата кула, за спомен на градот домаќин, а медалите се разликуваат од Олимпијада до Олимпијада. Златните медали се најчесто направени од сребро, со златна обвивка. Бронзените медали се мешавина од бакар, цинк и калај. Бронзата се соединува со кислородот од воздухот ако не е заштитена, формирајќи патина, што го објаснува оштетувањето на медалот на Хјустон. Колку брзо ќе деградира бронзата зависи од пропорциите на металите во соединението, а поевтините метали побрзо се уништуваат.

Сепак, организаторите на Олимпијадата изјавија дека ќе ги заменат оштетените медали на спортистите.

„Свесни сме за објавите на социјалните мрежи од спортисти чии медали покажуваат оштетувања само по неколку дена. Работиме со Monnaie de Paris, институцијата задолжена за изработка и квалитет на контролата на медалите и заедно со Националниот олимписки комитет на спортистот, за да го процениме медалот и да сфатиме што го предизвикало оштетувањето“ велат организаторите.

Хјустон е еден од најдобрите скејтбордери во историјата и нема многу искуство со бронзените медали, бидејќи најчесто освојувал злато. 29-годишниот олимпиец е шесткратен светски шампион во уличен скејтбординг и има 12 злата на Летните X игри.

Извор: Гардијан

Најново

Последни колумни