Американската војска денеска соопшти дека успешно спречила девет бродови да испловат од иранските пристаништа во првите 48 часа од поморската блокада на Исламската Република Иран.
„Во првите 48 часа од американската блокада на бродови што влегуваат и излегуваат од иранските пристаништа, ниту еден брод не поминал покрај американските сили. Девет бродови ги послушаа упатствата на американските сили да се свртат и да се вратат кон иранските пристаништа или крајбрежни подрачја“, соопшти Централната команда на Соединетите Американски Држави (СЕНТКОМ), која е надлежна за американските трупи на Блискиот Исток, во објава на социјалната мрежа Икс.
Адмиралот Бред Купер, командант на СЕНТКОМ, изјави доцна во вторникот дека блокадата е „целосно спроведена“ и дека „целосно го запрела“ комерцијалниот сообраќај кон и од иранските пристаништа.
Повеќе од десет воени бродови на американската морнарица патролираат во водите источно од Ормускиот теснец, спроведувајќи блокада на сите пловни објекти, без разлика на нивната земја на потекло, кои влегуваат или излегуваат од крајбрежните подрачја или пристаништата во Иран.
СЕНТКОМ на социјалната мрежа Икс наведе дека блокадата на иранските пристаништа била „целосно спроведена“ во рок од 36 часа од нејзиното започнување.
Командантот на СЕНТКОМ, Бред Купер, додаде дека американските сили воспоставиле целосна контрола на морето во регионот.
Командата исто така соопшти дека разорувачи со наведувани ракети на американската морнарица се меѓу средствата што се користат за спроведување на блокадата на иранските пристаништа.