Search

Семејно насилство: Зошто затајуваме?

Насилството не е индивидуален проблем, туку семеен и повеќегенерациски, а со тоа и општествен. Насилството не е еднократен случај, туку долготраен процес. Уште повеќе, насилството не е вродено однесување, туку научено.

Сето ова е толку добро познато што веќе звучи излитено. Постојат закони и мерки за спречување на насилство, темата е постојано актуелна, константно се апелира за подигање на свеста – а, сепак, бројките на нови случаи на насилство непрекинато растат. Особено бројките за семејно насилство. Ова неспорно укажува дека некоја алка во низата не држи; досегашните решенија потфрлаат во ефикасноста, а можеби и системот не е адекватен и дораснат да се справи со ситуацијата. Понекогаш дури ми се чини како повеќе да се работи кон нормализирање и прифаќање на семејното насилство како општествена појава, наместо кон негово спречување.

И бидејќи општествениот систем секојпат тежнее кон брзи решенија кои, патем, и досега имале минимален ефект во реалноста, целосно се занемарува прашањето „Зошто се јавува насилството?“, инаку клучно и логично прво да се постави, и дирекно се преминува на „Како да се реши?“.

Па така, наместо да го најдеме коренот на проблемот и оттаму да го изнајдеме решението, во пракса брзоплето ги третираме видливите површни симптоми, најчесто преку несреќниот вортекс на т.н. меѓуинституционална соработка која овозможува со години успешно да си ја префрламе топката од едни на други, со надеж дека сама по себе ќе исчезне – и дека никој нема да ја (по)бара.

Ако, пак, се постави прашањето зошто се јавува насилството, би требало да се запрашаме и зошто ваквото однесување е доминантно кај машката популација. Ако се запрашаме зошто го има во целото општество, би требало и да се запрашаме како општеството придонесува кон него? Ова се, исто така, добро познати факти, но пред нив институциите вртат глава и креваат раменици – а неретко и сосема ги игнорираат.

Поедноставно објаснување за овој сложен феномен може да се најде во родовите улоги така скроени од патријархатот за да креираат јаз во моќта и кои на мажот му ја доделуваат имагинарната улога на глава на семејсвото; во воспитно-образовниот систем кој остана да живее во некое минато време и кој попат го изгуби угледот на воспитна институција во која ќе се учи и за еднаквост и емпатија; во капиталистичките начела кои диктираат дека тој што заработува е тој има позиција на моќ и што одлучува што, главно, повторно е улога во која го гледаме мажот бидејќи жената најчесто останува дома за да се грижи за домот и за сите во него.

Но, ако се охрабриме да навлеземе подлабоко, тогаш ќе увидиме дека трансгенерациското пренесување на родовите улоги во семејството и на стереотипните ставови од типот на „машко си, не треба да плачеш“, „се степале, па машки деца се, тоа е нормално“ и останати апсурдни „воспитни“ коментари водат, од една страна, кон долгогодишно потиснување на емоциите што создава огромна внатрешна тензија и од друга страна, парадоксално, до оправдување на насилството и агресијата како своевиден издувен вентил. Така добиваме деца, а потоа и возрасни личности кои не знаат како да се носат со силните чувства ниту да се справат со секојдневните предизвици, особено ако станува збор за стресни реакции и лутина. Не знаат како конструктивно да ги надминат конфликите, па неретко сѐ сфаќаат лично, што можеби и не би било опасно доколку знаат како да си ги контролираат импулсите и фрустрацијата.

Фото: The Advocacy Project/Flickr

Многу често ова се должи и на фактот дека има повторена историја на насилство во семејството, што значи дека самите сторители биле жртви или сведоци на насилство. Или едноставно кажано, се создава армија од генерации и генерации на луѓе кои не можат лесно да се справат со себе, со своите мисли и чувства, а уште помалку со останатите околу нив.

Современата практика во превенцијата на насилство го препознава овој верижен систем на дисфункционално однесување и неспорно укажува на домино-ефектот од него. Токму затоа, за превенцијата да има долгорочен ефект, покрај заштитата на жртвата и санкционирањето на сторителот, се потенцира и важноста од работа со самиот сторител. На тој начин, сторителот ги препознава наученото насилно однесување во сите форми и стереотипните улоги, ја согледува одговорноста за своите дела и последиците од нив, ги воочува своите емоции, импулси и сите научени и утврдени шеми кои водат кон насилство и така учи не само како да ги смени, туку и како да ги замени со нови конструктивни алтернативи.

Ако можам да издвојам една позитивна нота во целава ситуација со насилството кај нас, тогаш тоа е дека имаме усвоена пракса за работа со сторителите на насилство. Арно ама, иако делува и дава резултати, оваа пракса не е доволно препознаена ниту поддржана, па постепено но константно се подбутнува сѐ подолу на листата на наводни приоритети каде што евентуално ќе чека сѐ додека не згасне. А надлежните пак ќе гаат надеж дека никој нема да ја (по)бара, подместувајќи си го портокаловото шалче во ноември.

Авторката е менаџерка на Првиот семеен центар на ХЕРА

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни