ОН побара истрага за крвавата репресија на демонстрациите во Ангола

Високиот комесар на ОН за човекови права денеска побара истрага за репресијата во Ангола врз демонстрантите кои протестираа против зголемувањето на цените на горивата, и во која загинаа 22 лица оваа недела.

„Анголските власти треба да спроведат брзи, темелни и независни истраги за смртта на најмалку 22 лица, како и поврзаните кршења на човековите права“ за време на демонстрациите, нагласи високиот комесар во соопштението.

Иако ОН признава дека демонстрантите извршиле насилство и дека поединци ги користеле протестите за грабежи, тоа укажува дека безбедносните сили употребиле непропорционална сила.

„Според официјалните информации, уапсени се повеќе од 1.000 лица. Непроверени видео снимки покажуваат дека безбедносните сили пукале со боева муниција и солзавец за да ги растераат демонстрантите, што укажува на непотребна и непропорционална употреба на сила“, се вели во соопштението.

ОН ги повикува властите на Ангола да се воздржат од таква употреба на сила за да го одржат јавниот ред и да го гарантираат правото на живот, слободата на изразување и мирното собирање.

ОН, исто така, ги повикува властите да ги ослободат сите лица кои можеле да бидат произволно притворени и бара лицата кои ќе одлучат да го изразат своето мислење на улиците да го сторат тоа на мирен начин.

Одлуката на анголските власти на почетокот на јули да ги зголемат цените на горивата, кои се силно субвенционирани од 300 до 400 кванзи на литар (од 0,28 до 0,38 евра), предизвика големо незадоволство во таа земја, втор производител на нафта во Африка по Нигерија, но каде што многу луѓе живеат во сиромаштија.

Во Ангола, земја со околу триесет милиони жители каде што се зборува португалски, инфлацијата е многу висока и во јуни била близу 20 проценти, додека стапката на невработеност достигнала речиси 30 проценти според националното статистичко тело.  Немирите од понеделникот и вторникот се проширија во земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни