Обединетите нации ги поздравуваат сите напори за завршување на украинската криза, изјави денеска портпаролот на генералниот секретар на ОН, Стефан Дижарик.
„Ги поздравуваме сите напори што ќе доведат до завршување на тој конфликт во согласност со меѓународното право, во согласност со Повелбата на ОН, во согласност со сите релевантни резолуции на ОН и територијалниот интегритет на Украина“, рече Дижарик за време на брифинг.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека руската делегација, предводена од Владимир Медински, помошник на рускиот претседател Владимир Путин, е подготвена да ѝ претстави руски меморандум на Украина на 2 јуни во Истанбул за сите аспекти на надминување на основните причини за кризата.