Алармантни наоди во здравството: девет пациенти имале непотребни операции на срце

Министерот за здравство Азир Алиу соопшти дека домашна и меѓународна комисија утврдиле сомнежи за непотребни кардиолошки операции кај девет пациенти. Случајот отвори сериозни прашања за начинот на носење медицински одлуки и контролата во јавните и приватните здравствени установи.

Министерството за здравство открило сериозни сомнежи за непотребно извршени операции и интервенции на срце кај девет пациенти, соопшти министерот за здравство Азир Алиу. Наодите произлегуваат од анализа спроведена од домашна и меѓународна комисија составена од кардиолози и експерти. 

Според Алиу, првично биле анализирани 20 случаи, а кај 13 пациенти биле утврдени сомнежи за непотребни интервенции. Потоа случаите ги разгледувала и меѓународна комисија составена од експерти од Италија и Словенија, која во најголем дел ги потврдила наодите на домашната комисија. 

„Кај деветте пациенти документацијата укажува на сомнителни наоди во текот на дијагностиката и несогласување меѓу ангиографските наоди и писмените извештаи“, изјави Алиу на прес-конференција. 

Случаите се однесуваат на интервенции извршени и во јавни и во приватни здравствени установи, меѓу кои Клиниката за кардиологија, Државната кардиохирургија, болницата „8 Септември“, Клиничката болница Штип, како и приватните болници „Жан Митрев“ и „Систина“. 

Министерството најави дека извештаите ќе бидат доставени до Владата, Јавното обвинителство, Фондот за здравствено осигурување, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Антикорупциската комисија. Алиу нагласи дека наодите се сериозни, но не смеат да се користат за дискредитација на целата медицинска професија. 

Ова не е првпат да се отвора прашањето за сомнителни кардиохируршки интервенции. Уште минатата година интерна комисија анализирала 25 случаи, при што кај десет пациенти било утврдено дека биле непотребно оперирани или упатени на операции без соодветна индикација. 

Експертите предупредуваат дека ваквите случаи имаат не само финансиски, туку и сериозни здравствени и етички последици, бидејќи секоја кардиохируршка интервенција носи ризици по животот и здравјето на пациентите.

Министерството за здравство најави ревизија на протоколите за кардиолошки интервенции, како и формирање национална листа за кардиохируршки операции со цел поголема контрола и транспарентност во иднина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс