Европа ризикува да стане премногу зависна од технологијата за вештачка интелигенција што се развива во САД и Кина, предупреди претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард.
Во говор во Виена, Лагард порача дека Европската Унија мора да инвестира во сопствени модели на вештачка интелигенција и во инфраструктурата неопходна за нивно функционирање. Според неа, европските модели треба да бидат доволно квалитетни за најголемиот дел од практичните задачи и да работат во европски дата-центри.
Логиката е едноставна: колку повеќе Европа се потпира на технологија развиена и контролирана надвор од континентот, толку поголем е ризикот некој во иднина да може да ѝ го ограничи пристапот.
Европа има огромен јаз зад САД и Кина
Лагард посочи дека Европа веќе заостанува во развојот на најнапредните модели. Според податоците што ги навела, минатата година САД развиле 59 значајни модели на ВИ, додека Кина развила 35. Франција и Велика Британија, пак, развиле по еден. Уште поголема е разликата во компјутерската инфраструктура. Лагард наведува дека околу 75 отсто од светскиот компјутерски капацитет за ВИ, обезбеден преку дата-центри, се наоѓа во САД, додека Европа располага со околу 5 отсто.
Токму затоа, според неа, Европа се соочува со незгоден избор. Ако биде претпазлива со примената на ВИ поради стравувањата за заштита на податоците, може да пропушти економски раст. Ако, пак, брзо ја прифати технологијата без сопствена инфраструктура, ризикува да стане зависна од туѓи системи.
„Ниту еден трговски партнер немал ваква моќ“
Лагард предупреди дека зависноста нема да биде само технолошки проблем. Според неа, во следните години ВИ ќе стане дел од критични сектори, од контрола на стоката на границите и даночни проверки, до управување со железничкиот сообраќај, следење пациенти и обработка на банкарски плаќања.
Тоа значи дека евентуалното ограничување на пристапот до ВИ или промена на условите за користење би можело истовремено да погоди голем број европски индустрии. Токму затоа Лагард смета дека зависноста од странска ВИ создава форма на политичка и економска моќ што, според неа, „ниеден трговски партнер никогаш ја немал над Европа“.
Таквата зависност би можела да се претвори и во преговарачки инструмент во идни спорови околу царини, дигитални даноци или други економски прашања.
ВИ може да ја зголеми продуктивноста, но Европа нема доволно капацитет
Лагард истовремено ја нагласи и економската можност што ја носи вештачката интелигенција. Според нејзината проценка, брзото воведување на ВИ би можело да ја зголеми европската продуктивност за до 4 отсто во следната деценија. Тоа би можело да има значаен ефект врз економскиот раст и јавните финансии.
Проблемот е што Европа нема доволно инфраструктура за да ја поддржи таквата трансформација. Лагард предупредува дека континентот веќе има недостиг од капацитет во дата-центрите, а според актуелните трендови јазот меѓу побарувачката и расположливите капацитети би можел за десет години да биде повеќе од шестпати поголем.
Дополнителен ризик гледа и на финансиските пазари. Американските технолошки компании имаат огромни инвестициски потреби, а дел од средствата ги обезбедуваат и преку европските пазари. Според Лагард, тоа може да ги зголеми трошоците за финансирање и за други компании и институции.
Истовремено, европските пензиски фондови значително инвестираат во акции на американски технолошки компании. Доколку дојде до поголема корекција на тие берзански вредности, последиците би можеле да ги почувствуваат и европските штедачи.
Затоа, пораката на Лагард не се однесува само на тоа кој ќе создаде најдобар ВИ модел. Станува збор за многу пошироко прашање, дали Европа ќе има сопствена технологија, податоци и инфраструктура или во клучните економски и политички одлуки ќе зависи од системи создадени на друг континент.