Конопот и уметноста- на љута рана љута ганџа

Во февруари 2016 година, во Македонија се воведоа законски измени со кои се озакони односно се легализираше одгледувањето коноп (канабис) за медицинска употреба, производството на лекови од коноп и лекувањето со лекови од коноп. Ретко кој очекуваше дека владата на десно ориентираната и конзервативна ВМРО-ДПМНЕ ќе посегне по вакво решение. Подоцна Владата под водство на Зоран Заев неколку пати најавуваше дека планира да направи дополнители законски измени со кои ќе се овозможи легализација на конопот за лична употреба. Се спомнуваа неколку модели, се формираше работна група која ќе ги дефинира измените и тука заврши се. Веќе две години прашањето за легализација на конопот е замрзнато. 

Во недостиг на најавените промени добро е да раскажеме некои работи поврзани со конопот  кои не се доволно познати. Една од тие теми е поврзаноста на конопот и уметноста. Во Македонија коноп почнале да консумираат полибералните луѓе, најчесто уметниците и музичарите. Во почетокот на седумдесеттите години, повеќе ликовни уметници биле дел од хипи движењето и употребата на конопот била една од слободарските идеи кои тие ги поддржувале. Во сеќавањата на ликовните уметници од тоа време останале ликовните колонии на Матка и на неколку други места каде што тој слободарски дух провејувал заедно со креативниот сликарски порив.

Ова не значи дека и други луѓе кои не се дел од уметничката или музичката сцена не користеле коноп. Често пати употребата на коноп била поврзувана со рок- и џез-музиката. Тоа било така затоа што речиси и да не постоеле луѓе кои слушале народна музика во седумдесеттите години бидејќи таа музика не била широко распространета, додека турбофолкот се појавува на крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите години. 

А токму музичките бендови и автори се меѓу првите кои пеат за конопот во своите песни. Во 80-тите и 90-тите години тоа беше во скриена форма при што конопот или марихуаната се нарекуваше Маријана, Мара, а песните честопати беа двосмислени како кај „Студени нозе“ – Маријана или пак само се спомнуваше некоја работа што укажува на пушење коноп како во рефренот на „Ќелав дабар“ од „Ласт експедишн“ – Што виткаш Енко? Што виткаш Енко? 

Во последниве 10 до 15 години многу песни се целосно посветени на конопот, па дури и нивните наслови се многу јасни и без метафори – Подземен ефект – Зелен пут, ЛД Пистолеро – Берам туфки. Д – Зелена оаза. Суперхикс ја имаат „На љута рана љута ганџа“. 

Интересно е тоа што денес дури и музичари од народниот мелос учествуваат во песни во кои се спомнува конопот. Таков е случајот со песната „Дими џам“ на Слаткаристика, Тајзи и познатиот саксофонист Ферус Мустафов.

Сепак, во Македонија не се случи некоја поголема акција или иницијативи на уметниците во насока на легализација на конопот како што е примерот со иницијативата и официјалното писмо на повеќемина југословенски музичари и уметници во 1990 година. Влада Дивљан, Бајага и инструктори, Срѓан Гојковиќ–Гиле, Давид Албахари, Желимир Жилник се меѓу дваесетте имиња кои на почетокот на 1990 година испратиле петиција до Сојузното собрание на СФРЈ и Републичкото собрание на Социјалистичка Република Србија со наслов Предлог за декриминализација на канабисот. 

Потписниците на оваа петиција сметаат дека постоечкото југословенско законодавство кое ја регулира употребата на психоактивните супстанции каде што спаѓаат и дериватите на канабисот ги ограничува слободата и човековите права. 

Потписниците велат: „Ние мислиме дека канабисот и неговите деривати не предизвикуваат интоксикација која е поопасна по здравјето и општествено поштетна од онаа која ја предизвикуваат алкохолот и никотинот. Затоа сметаме дека е неопходно индискиот коноп (деривати на канабисот: марихуана и хашиш) да се тргнат од листата на опојни дроги и психотропни супстанции објавени во Законот за производство и промет на опојни дроги, односно да се укине инкриминацијата на канабисот, а трговијата со канабисот да се регулира. На тој начин ќе се избегне криминализацијата на голем број на граѓани уживатели на канабис кои по секој друг основ остануваат во рамките на законите и прифатените општествени норми.“ Понатаму во текстот се тврди дека секоја прохибиционистичка политика во пракса се потврдува дека е контрапродуктивна. Таа создава развој на црниот пазар, цветање на криминалот и доведува до сè поголема криминализација на граѓаните.

Потписниците сметаат дека прохибиционистичката политика ја спречува идејата за основното право на избор на сопствената состојба на свест. „Сметаме дека ова право е во ист ранг како и правото на слобода на мислење и изразување, слобода на веросиповест и право на приватност.“ Оваа состојба на свест под влијание на канабисот потписниците ја изедначуваат со медитативните техники, сексуалноста и сл. Писмото завршува со надеж дека овие прашања ќе бидат вклучени во тековните уставни и законодавни преиспитувања во Југославија. 

Во Македонија уметниците зборувале за конопот во приватни разговори, преку своите уметнички дела и понекогаш во емисиите на студентско радио и пред сè на брановите на музичкото радио Канал 103, каде што според нашите сеќавања и сеќавањата на некои од водителите на ова радио повремено се актуелизирало прашањето за легализација на конопот. Исто така тука треба да се спомене и списанието „Маргина“ кое во неколку броја континуирано уште од 1994 година пишуваше за разни видови психоактивни супстанции, вклучувајќи го и конопот. 

Во средината на 80-тите години од минатиот век, на македонската уметничка сцена се појавува една нова група на млади уметници студенти именувани како Зеро, кои понесени од идејата за стимулирање на уметничкиот процес, но и од фактот дека станува збор за еден модерен тренд посегнуваат кон експериментирање со психоактивни супстанции, вклучително и коноп. Александар Станковски, член на групата Зеро, јавно во повеќе наврати отворено говори за своите експерименти со психоделичните и психоактивни супстанции на кои уметникот гледа како на алатки со кои може на суптилно ниво да патува низ времето и просторот. „Највозвишените амбиции на групата Зеро во почетокот на нејзиното дејствување беше добро да се напуши хашиш или трева и да се шиба поликолор по ѕидовите на институциите во азискиот дел на Скопје. Се дружевме со нам слично изобличени креатури, имавме секој сопствена интима и многу патувавме (секако индивидуално). И ден-денес се сеќавам на некои психоделични патувања низ земјите на Африка, на Азија, на Средна и Западна Европа, со Пепси, со Игор, со Антони, со Жанета… од кои би можеле да се направат феноменални он д роуд (on the road) сценарија.”

 Во неговото ликовно творештво мотивот на канабис е чест предмет на обработка како во сликарството, така и во неговите филмски остварувања, како што е филмот „Самитот на шаманите“ од 2004 година. Во април 2006 година, на изложбата „Мала ноќна музика (и други цртачки ониризми и лудила)“, Станковски изложува три необични композиции, траги од тутун и канабис врз лист хартија на која се виткала цигара. 

Автори: Елеонора Стојановиќ и Игор Андреевски 

Во 2000 година, во тогашниот Центар за современа уметност, се случува фотоаудио инсталацијата „Shotgun“ („Шотган“) на авторите Елеонора Стојановиќ и Игор Андреевски. Беа изложени 10 фотографии кои ги документираат ритуалните моменти на супкултурата на пушење коноп, прикажувајќи различни варијанти на шотган, односно процесот при пушење на коноп при кој една личност го дува димот од конопот во устата на друга личност. Во заднината на изложбата се репродуцира музика која го надополнува просторот во кој публиката беше активен учесник и можеше да интервенира симултано. Во најавата за овој настан е наведено дека станува за проект кој го документира и го слави процесот на комуникација која не познава сексуално, етничко и културно ограничување. Комуникација која не морализира, туку искушува, предизвикува. Овој настан се случува во периодот кога околу Македонија беснеат војни и еден ваков настан посветен на културата на употреба на конопот во која се слават принципите на заедништво и толеранција претставува и своевиден бунт кон војната и омразата.

Авторот е истражувач, активист за човекови права, фотограф и магистер по социјална политика.

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни