Иранска студентка застрелана во глава и закопана покрај пат

23-годишна иранска студентка е убиена за време на протестите во Техеран, застрелана одблизу во тилот, а нејзиното тело било закопано покрај пат. Се зголемуваат доказите за бруталноста на режимот

Дваесет и тригодишната студентка Рубина Аминијан им се придружила на протестите против иранскиот режим во Техеран. Според нејзиниот профил на социјалните мрежи, таа на протестите заминала исполнета со оптимизам и радост. На видеоснимките се гледа млада Курдка вљубена во животот – пробува накит, става кармин и испраќа бакнежи кон камерата.

Но, откако во четвртокот им се придружила на демонстрантите, таа никогаш повеќе не се вратила дома.

Телото пронајдено закопано покрај напуштен пат

Нејзиното тело било пронајдено закопано покрај напуштен пат. Според организацијата Iran Human Rights, Рубина била убиена со куршум во тилот, испукан од непосредна близина.

Кога нејзините родители пристигнале од Керманшах во Техеран за да го идентификуваат телото, се соочиле со стравична сцена – мртовечниците биле преполни со млади луѓе убиени на сличен начин, соопшти истата организација.

Семејството спречено да ја погреба

Извор близок до семејството, цитиран од Iran Human Rights, изјавил:

„По голема борба, семејството на Рубина конечно успеа да го преземе нејзиното тело и да се врати во Керманшах. Но, по пристигнувањето открија дека нивниот дом е опколен од разузнавачките сили и дека не им е дозволено да ја погребаат.“

На крајот, семејството било присилено да го закопа нејзиното тело покрај пат, меѓу Керманшах и блискиот град Камијаран.

„Жедна за слобода и женски права“

За CNN зборувал и вујкото на Рубина, Незар Минуеи, кој ја опишал како:

„Силна и храбра девојка, некој што не можеше да се контролира. Таа се бореше за работите за кои знаеше дека се исправни и се бореше силно. Беше жедна за слобода, жедна за женски права, за своите права.“

Стотици убиени, илјадници уапсени

Американската организација Human Rights Activists News Agency (HRANA) проценува дека најмалку 538 луѓе се убиени во насилството што ги следеше демонстрациите. Од нив, 490 биле демонстранти, а уапсени се повеќе од 10.600 лица.

Доказите за бруталноста на режимот продолжуваат да се појавуваат и покрај прекинот на интернетот. Порталот IranWire објави сведоштва од лекари и активисти кои укажуваат на заострување на репресијата.

Според нив, безбедносните сили во четвртокот и петокот навечер намерно пукале во главата и вратот на демонстрантите. Сè повеќе има извештаи и за пукање врз луѓето од покриви на згради.

По протестите во областа Кала Хасан Кан во Техеран, еден хирург примил шест пациенти со прострелни рани на главата и ниту еден не преживеал.

Повик за продолжување на протестите

И покрај ескалацијата на насилството, десетици илјади луѓе излегоа на улиците и во саботата и во неделата навечер. Во неделата на продолжување на протестите повика и Реза Пахлави, ирански престолонаследник во егзил.

„Трета ноќ по ред сериозно го ослабнавте репресивниот апарат на Хамнеи и неговиот режим“, изјави тој, додавајќи дека режимот се соочува со недостиг од сили подготвени да се спротивстават на милионите демонстранти.

Пахлави ги повика луѓето да останат заедно:
„Не се одвојувајте едни од други и не навлегувајте во споредни улици кои можат да ги загрозат вашите животи.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни