ЕУ го одложува процесот за трговскиот договор со САД по новите царински најави од Вашингтон

Европската Унија го одложува процесот за трговскиот договор со САД по најавите за нови царини од администрацијата на Доналд Трамп.

Европската Унија планира привремено да ја стопира ратификацијата на трговскиот договор со Соединетите Американски Држави поради неизвесноста околу царинската политика најавена од американскиот претседател Доналд Трамп.

Главните политички групи во Европскиот парламент најавија дека ќе ја паузираат процедурата за одобрување на договорот, откако Врховниот суд на САД ја поништи претходната одлука за воведување реципрочни царини на глобално ниво, пренесува Блумберг. По оваа одлука, Трамп најави нови царини од 10 проценти, кои подоцна беа зголемени на 15 проценти, што предизвика дополнителна неизвесност меѓу трговските партнери на САД.

Главниот преговарач на Европската народна партија за договорот, Жељана Зовко, изјави дека Европската Унија ќе го одложи процесот додека не добие појасни информации за идните трговски мерки. Покрај Европската народна партија, ваквата одлука ја поддржуваат и социјалистите и демократите во Европскиот парламент.

Претседателот на Комитетот за трговија на ЕУ, Бернд Ланге, свика итен состанок за разгледување на идните односи меѓу Брисел и Вашингтон. Трговскиот договор, постигнат минатото лето, предвидува царини од 15 проценти за поголем дел од европскиот извоз во САД, додека американските производи би влегувале на европскиот пазар без царини.

Во исто време, Соединетите Американски Држави задржуваат царини од 50 проценти за увоз на европски челик и алуминиум. Иако Европскиот парламент првично планираше ратификација во март, процесот сега е ставен во мирување додека траат дополнителните консултации.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни