Умерен земјотрес со јачина од 3,7 степени според Рихтеровата скала утрово е регистриран во Хрватска, во близина на Петриња. Според хрватската Сеизмолошка служба, потресот се случил во 9:51 часот, а епицентарот бил на околу осум километри од Петриња.
Интензитетот во епицентарот е проценет на V степен според EMS скалата, што значи дека земјотресот можел јасно да се почувствува од населението во погоденото подрачје. Потресот бил почувствуван во Сисак и поширокиот регион, а граѓани јавиле дека тресење имало и во Загреб и околните населби.
На платформата на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар дел од граѓаните опишале „силен удар“ и подолго тресење. Засега нема информации за повредени лица или материјална штета.
Петриња и околината остануваат чувствително сеизмичко подрачје по разорниот земјотрес од декември 2020 година, кога градот претрпе големи оштетувања. Утринскиот потрес не е со таква сила, но доволно беше повторно да внесе вознемиреност кај жителите во регионот.