Search

Земјотрес

“Се тресеме. Се тресеме сите заедно. Се тресеме од студ. Се тресеме од неизвесност… се тресеме од извесност. Се тресеме пред избори, се тресеме по избори. Се тресеме од туѓите избори, од памет не вадат нашите избори. Скопје е трусно подрачје, совршена сцена за урбана зомби апокалипса во континуитет. Па се тресеме во континуитет. Се тресеме во ритмот на музиката, кожи наежени, младост подготвена да продре, да експлодира низ конзервата на ебеното примитивно општество. Се тресеме од општеството, а баш би сакал ние да го треснеме општеството среде глупата му фаца.

Земјотресно Скопје. Се тресеме 12 години со НАШИОТ ЗЕМЈОТРЕС, се тресеме елегантно, ма прекрасно се тресеме. Дојдете да се тресеме заедно по 12ти пат во МКЦ ОВАА САБОТА. Ете и МКЦ се тресе. Ладно му е. Додете да го гушнеме. Дојдете да се видиме, да се гушнеме. Токму тоа ни треба во моментов.“

Овој текст стои во најавата за дванаесеттото издание на најмладинскиот и најскопски фестивал со алтернативен предзнак, популарниот и веќе култен Земјотрес. Замислен како заедничка фестивалска платформа на независната македонска музичка сцена, Земјотрес успеа да мобилизира пред се млада публика и секако да биде распродаден секоја година. Фантастична е свежината со која најпаметната македонска младина зрачи низ коридорите на Младинскиот Културен Центар Скопје, додека циркулира по трите музички стејџови, остварувајќи динамична интеракцијата со музичарите (накај 150 на секое издание). Општо е мислењето дека се работи за еден вистински комјунити настан, каде се оди да се слуша музика, да се види и да се биде виден, но и да се размени искуство и да се почувствува дека сепак сме дел од нешто поголемо, поубаво, нешто за кое вреди да се бориме. Како ретко каде, на Земјотрес се мешаат рокери, панкери, хард корци, металци, шминкери, технаџии… и никој од нив не размислува за она што ги дели. Напротив, чувството на припадност кон онаа искрена, независна македонска музичка сцена е обединувачки фактор, а токму уживањето во различностите е најголемата обединувачка сила.

Навистина не е лесно да се гради сцена во држава без музички пазар, музичка индустрија, културна политика… едноставно нема што немаме во Македонија. Во скудни услови како нашите, градењето на музичката сцена е препуштено на ентузијазмот на поединци и повремени проблесоци на државни институции. Токму таков пример на брак од љубов или можеби интерес, е фестивалот Земјотрес, кој оваа година се одржува по дванаесетти пат во Младинскиот Културен Центар. Совршен простор за директна комуникација помеѓу генерациите, музичките стилови и навидум различните интереси на нашите музичари. Широка платформа за презентација на едно постоење, но и постојана промена. Некомерцијален манифест во интерес на духовната и економска оправданост на нашето музичко шаренило. Место каде што за смешни пари можете да проследите повеќе од 20 артисти во само една вечер, поточно најактуелното на нашата сцена, според последните забележани домашни изданија. МКЦ и Земјотрес: концепт, но и заеднички успех во континуитет, без преседан во нашата музичка историја.

Земјотрес во Скопје удира токму во миговите кога луѓето ќе го изубат чувството за заедништво. Кога ќе снема минимален заеднички интерес, кога моралот не е во мода веќе. Фестивалот Земјотрес е ритуал за јакнење на заедништвото на квалитетната македонска музичка сцена, со желба да се покаже релевантна содржина во време на инстант потрошувачка и вредности вон континуитет. Генерациите, музичките стилови, па и идеалите се менуваат, но алтернативната културна понуда е есенцијална за поттикнување на духот на новите, се побројни сограѓани со пософистицирани естетски потреби.

Авторот е музичар

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни