Зеленски најави серија високи средби во јануари за мир и безбедносни гаранции

Во Киев и Франција ќе се одржат состаноци со европски и американски претставници, додека Русија продолжува со масовни дрон-напади врз Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави серија состаноци на највисоко ниво што ќе се одржат во првите денови од јануари, со цел координација на мировните напори, зајакнување на поддршката и дефинирање на безбедносните гаранции за Украина.

Во објава на социјалната мрежа Икс, Зеленски информираше дека министерот за одбрана Рустем Умеров е во постојан контакт со клучни партнери, вклучувајќи ги Соединетите Американски Држави и европските држави, со цел подготовка на нови формати за разговори и дипломатски средби.

Прва средба во Украина – фокус на мирот

Првата средба е закажана за 3 јануари, кога во Украина ќе се одржи состанок на советници за национална безбедност и членови на владите. На средбата ќе присуствуваат и европски претставници, додека американската делегација ќе се приклучи онлајн.

„Ова е прва ваква средба во Украина и е целосно фокусирана на мирот“, напиша Зеленски, додавајќи дека учеството го потврдиле 15 земји, заедно со претставници на европските институции и НАТО.

Безбедносни гаранции – клучна тема

На 5 јануари е планиран уште еден состанок во Киев, на кој ќе учествуваат началниците на генералштабовите и високи воени претставници. Главната тема ќе бидат безбедносните гаранции за Украина во случај да се постигне мировен договор.

„Политички, речиси сè е подготвено, но мора детално да се разработи како гаранциите ќе функционираат во воздух, на копно и на море“, истакна Зеленски, додавајќи дека крајната цел е запирање на војната.

Средба на европските лидери во Франција

Украинскиот претседател најави и дека таканаречената Коалиција на подготвените ќе ја одржи својата прва лидерска средба за 2026 година на 6 јануари во Франција, со учество на европски лидери. Очекувањата се средбата да придонесе за зголемување на воената и политичката поддршка за Украина и за поголема доверба во евентуален мировен договор.

Напади продолжуваат и за време на празниците

Најавата доаѓа во момент кога Русија продолжува со интензивни напади низ повеќе украински региони. Зеленски изјави дека Кремљ лансирал повеќе од 200 дронови за време на новогодишните празници, насочени претежно кон цивилна и енергетска инфраструктура во Донбас, Харкив, Суми, Одеса, Чернигов и Херсон.

Тој повика сојузниците итно да ја зголемат испораката на системи за противвоздушна одбрана, нагласувајќи дека „нема пауза во заштитата на човечкиот живот, дури ни за празници“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни