Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес побара од своите сојузници повеќе противвоздушна муниција, со цел подобро да се спротивстават на руските напади што оставија стотици илјади жители на Киев без електрична енергија и греење среде зима.
„Само оваа недела, Русите лансираа повеќе од 1.700 борбени дронови, повеќе од 1.380 наведувани бомби и 69 ракети од различни видови“, рече Зеленски по пристигнувањето во Вилнус, објавија француските медиуми.
„Затоа ракетите за системите за воздушна одбрана се потребни секој ден, а ние продолжуваме да работиме со САД и Европа за да обезбедиме подобра заштита на нашиот воздушен простор“, додаде тој.
Русија немилосрдно ги бомбардираше електраните и електричната мрежа во Украина, оставајќи стотици илјади Украинци во темница и на ниски температури среде зима, што го натера Зеленски да прогласи вонредна состојба во енергетскиот сектор.
Ситуацијата е особено тешка во Киев, главната цел на руските воздушни напади што принудија половина милион жители да се евакуираат.
„Во моментов во Киев има 1.676 големи станбени згради без греење по непријателскиот напад врз градот на 24 јануари“, изјави градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.
Тимовите работат деноноќно за да го вратат греењето и електричната енергија, но ниските температури и постојаните воздушни напади ги попречуваат нивните напори.
Украинскиот претседател денес учествува во Вилнус, заедно со полскиот претседател Карол Навроцки, на комеморацијата на востанието од 1863 година во Полска и Литванија против империјална Русија.
