Започна акција за чистење на Железничката станица во Скопје, информира директорот на ЈП „Железници Инфраструктура“, Синиша Ивановски. Тој на својот фејсбук профил објави фотографии и видео од активностите, нагласувајќи дека станува збор за прв чекор во поширок процес за уредување на објектот.
Според Ивановски, железничката станица со години била оптоварена со билборди, постери, графити и несоодветни содржини, како и недоволно одржување на хигиената, што влијаело на нејзиниот изглед и функционалност.
Во рамки на тековната акција веќе се отстранети сите билборди и светлосни реклами, освен една која, како што наведе, сè уште не е отстранета од закупецот. Доколку тоа не се случи во рок од седум дена, договорот за закуп ќе биде раскинат. Отстранети се и натрупаните информативни постери, а во следната фаза ќе продолжи генерално чистење на внатрешноста и надворешноста на објектот.
Ивановски најави дека паралелно со акцијата се работи на подготовка за целосна реконструкција во соработка со Архитектонскиот факултет, додека ИЗИИС ја проверува конструктивната состојба на станицата.
„Процесот нема да биде лесен, но почнуваме денес“, порача тој, додавајќи дека во рамки на објектот функционира и полициска станица со која имаат секојдневна соработка.