Законот против пушењето заглави во Собрание: Новите правила сè уште чекаат на пратениците

Осум амандмани го закочија второто читање на Комисијата за здравство, а меѓу предлозите е и идејата за посебни пушачки соби.

Новиот закон за заштита од пушење сè уште не стигнал до пленарна седница. Иако првично беше најавено дека построгите правила ќе почнат да се применуваат уште во март годинава, предлогот во моментов останува во собраниска процедура, каде што чекаат дополнителни мислења за поднесените амандмани.

Предлог-законот стигнал до второ читање на собраниската Комисија за здравство, но досега се поднесени осум амандмани.

Од Собранието велат дека дел од пратениците побарале дополнителни мислења од домашни експерти, како и од стопанствениците што се занимаваат со производство на тутунски производи.

„Покрај мислењето на Светската здравствена организација, група на пратеници побарале дополнителни мислења за законот од домашни експерти и мислење од стопанствениците што се занимаваат со производство на тутунски производи. Штом пристигнат побараните мислења, комисијата ќе ја продолжи постапката“, информираат од Собранието.

Што предвидува новиот закон?

Предлогот носи построги правила во однос на пушењето во затворени простории. Забраната не би се однесувала само на класичните цигари, туку и на електронските цигари. Пушењето би било забрането во јавни институции, приватни компании, образовни установи, автобуски и железнички станици, пазари и други места каде што се собираат поголем број луѓе.

Предвидена е и забрана за пушење во автомобил кога во него има малолетно дете. Посебни правила би важеле и за терасите на угостителските објекти. Тие би требало да бидат отворени најмалку од две страни, а угостителите би добиле рок од една година за да ги приспособат објектите.

Пушачки соби како спорна точка

Еден од предлозите што предизвикале дополнителна дискусија е воведувањето посебни пушачки соби. Министерот за здравство Сашо Клековски вели дека Министерството дало негативно мислење за таквото решение. Причината, според него, е можноста пушачките простории да станат начин за заобиколување на забраните.

Клековски посочи дека во некои земји постојат вакви простории, но тие функционираат со специфични технички системи за вентилација и негативен притисок.Според него, таквите услови тешко би можеле да се обезбедат во ресторан или друг угостителски објект.

Министерот додава дека Министерството разговарало со Угостителската комора и со други засегнати страни и дека сега останува собраниската процедура.

Кога ќе важат новите правила?

Засега нема нов датум за стапување во сила на построгите правила. Законот прво треба да го заврши второто читање во комисиите, потоа да помине низ останатите собраниски процедури и да биде ставен на пленарна седница.

Здравствените власти како главна цел ја наведуваат заштитата на населението од штетното влијание на тутунот и намалувањето на трошоците поврзани со лекувањето на последиците од пушењето. До неговото донесување, актуелните правила остануваат во сила.

е-Трн да боцка во твојот инбокс