Загрижувачки податоци од Еуростат: Македонија трета во Европа по фемициди од интимни партнери

Македонија е на трето место во Европа по бројот на убиства на жени од нивните партнери, покажуваат податоците на Еуростат за 2023 година. Невладините организации предупредуваат на недоволна заштита и поддршка за жртвите.

Македонија е на третото место во Европа по бројот на фемициди, односно убиства на жени од нивните интимни партнери, покажуваат податоците за 2023 година објавени од Еуростат, статистичката служба на Европската унија.

Според извештајот, во Македонија се регистрирани шест фемициди на еден милион жители, со што земјата се наоѓа зад Латвија (17 жени на милион жители) и Литванија (10 жени на милион жители).

Зад Македонија се Босна и Херцеговина со пет фемициди, како и Австрија, Велика Британија и Украина со по четири случаи на милион жители. Во Малта не е евидентиран ниту еден фемицид, додека Грција и Црна Гора имаат по еден случај.

На ниво на Европската унија, просечната стапка на убиени жени од нивните партнери изнесува четири жени на милион жители, додека кај мажите стапката е 2,2 на милион жители.

Податоците од Министерството за внатрешни работи покажуваат дека во периодот од 2018 до 2023 година во Македонија се регистрирани 6.242 кривични дела поврзани со семејно насилство, меѓу кои 33 убиства, 14 обиди за убиство и илјадници случаи на физичко и психолошко насилство.

„Реагираме кога ќе се случи трагедија, но не вложуваме во превенција“

На прашањето дали македонското општество реагира само во моментите кога ќе се случи фемицид, а потоа брзо заборава, и што е апсолутниот минимум што државата мора веднаш да го направи за да се спречат ваквите убиства, Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жени, во интервју за ТРН, вели дека токму тоа е суштината на проблемот.

Според неа, фемицидот не е изолиран или неизбежен чин, туку крајна последица на системски пропусти. Таа нагласува дека општеството често се шокира во моментот кога ќе се случи убиство, но многу брзо продолжува понатаму без суштински промени.

Димушевска посочува дека апсолутниот минимум што државата мора веднаш да го направи е да обезбеди стабилни и доволни финансиски средства – и за превенција, и за заштита на жртвите. Без засолништа, стручна психосоцијална помош и институции кои постапуваат навреме, голем број жени, како што вели, остануваат соочени со изборот или да останат бездомнички, или да се вратат кај насилникот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни