Забрана за пиење вода од шест водоснабдителни објекти во Кичево

Општина Кичево воведе привремена забрана за користење вода за пиење од шест водоснабдителни објекти, по решение од Агенцијата за храна и ветеринарство. Водата од изворот Студенчица, односно од градскиот водовод, е исправна и безбедна за употреба

Општина Кичево ги извести граѓаните дека е воведена привремена забрана за користење вода за пиење од шест водоснабдителни објекти, по добиено решение од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Одлуката е донесена врз основа на лабораториски физичко-хемиски и микробиолошки анализи на примероци од вода, извршени од ЈЗУ Центар за јавно здравје – Битола, согласно Законот за безбедност на храната, објави 4news.mk.

Каде не смее да се користи вода за пиење?

До ново известување, граѓаните не смеат да користат вода за пиење од следните водоснабдителни објекти:

  • селскиот водовод во Гарани, чешма кај џамијата
  • патната чешма во Другово, кај разделната градба
  • јавната чешма „Бела Кула“ во Кичево
  • селскиот водовод во Стрелци, кај училиштето „Милто Гура“
  • селскиот водовод во Шутово, пункт „Милто Гура“
  • селскиот водовод во Премка, во центарот на селото

Забраната важи до ново известување

Од Општина Кичево апелираат граѓаните строго да ја почитуваат забраната, која стапува во сила веднаш и ќе важи сè до добивање ново известување.

Целта на мерката е заштита на јавното здравје, поради што водата од наведените локации не треба да се користи за пиење.

Водата од Студенчица е исправна

Надлежните информираат дека водата за пиење од изворот Студенчица, односно од градскиот водовод кој се снабдува од овој извор, е целосно исправна и безбедна за употреба.

е-Трн да боцка во твојот инбокс