Откако утринава студентите на Факултетот на Универзитетот во Белград тргнаа пеш кон Нови Сад за да им дадат поддршка на своите колеги и заедно со нив да ги блокираат сите три моста во тој град на 1 февруари, добиваат се поголема поддршка и помош. Сè поголем број граѓани им подготвуваат оброци и пијалоци, нудат шатори и ноќевање, а организациите се јавуваат да донираат пари.
Студентскиот собир започна на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Белград, од каде студентите се упатија кон Универзитетот за криминалистика и полиција Таму застанаа 15 минути за да им оддадат почит на загинатите во уривањето на настрешницата на реконструираната Железничка станица во Нови Сад.
Граѓаните дојдоа да ги испратат студентите и пред Факултетот за уметности, а сообраќајот на булеварот пред факултетот беше затворен.
Медиумите јавуваат дека студентската колона, која ќе биде придружувана од полиција, ќе ја обезбедуваат и земјоделци на трактори и моторџии. Предвидено е студентите да направат неколку паузи за време на маршот, како и да преноќат во Инџија.
Студентите ги повикаа граѓаните да им се придружат, со сопствена организација на потребните ресурси. Белградските студенти најавија дека и утре со велосипед ќе патуваат за Нови Сад.
Министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ утринава изјави дека припадниците на тој ресор „целосно ќе ја обезбедат“ рутата на студентскиот марш од Белград до Нови Сад.
На 1 февруари инаку навршуваат три месеци од падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад. Во несреќата загинаа 15 лица, а 2 се тешко повредени.