Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека претстојната посета на Кина ќе биде една од најважните во неговата политичка кариера, истакнувајќи дека со кинескиот претседател Си Џинпинг ќе разговара за роботика, вештачка интелигенција, воено-техничка и економска соработка, инфраструктура и образование.
Според Вучиќ, посетата ќе трае пет до шест дена и ќе има државен и службен карактер. Тој рече дека една од најважните теми ќе биде реформата на образовниот систем во Србија, за која, како што наведе, нема да прави компромиси. Во изјавите за српските медиуми, Вучиќ ја претстави соработката со Кина како клучна за идниот развој на земјата.
Говорејќи за безбедноста и војската, Вучиќ оцени дека Србија денес е многу посилна отколку пред 15 години и дека има значително поголеми одбранбени капацитети отколку во времето на НАТО-бомбардирањето во 1999 година. Тој рече дека силата на српската армија е резултат на економскиот раст и инвестициите во одбранбениот сектор.
Во тој контекст, Вучиќ нагласи дека Србија располага со значајни количества вооружување и воена опрема, вклучително и системи набавени од Израел. Србија во последните години инвестира во модернизација на армијата преку набавки и соработка со повеќе земји, меѓу кои Израел, Кина и европски партнери.
Зборувајќи за Косово, Вучиќ изјави дека ова прашање е „вратено на преговарачка маса“, но нагласи дека нема намера да ја води Србија во војна. „Сега би имале со што да одиме во војна, но не сакам војна, бидејќи на граѓаните им ветив мир“, порача тој.
Вучиќ додаде дека Србија ќе продолжи соработката со различни партнери, вклучително и со земји кои често се на спротивни страни во меѓународната политика, како Иран и Израел. Неговите изјави доаѓаат во период кога Белград се обидува да ја задржи политиката на балансирање меѓу европскиот пат, партнерството со Кина и традиционалните врски со Русија.