Војната против Иран, која ја водат САД и Израел, со денови доминира во политичките и медиумските вести низ светот, а нејзините последици се чувствуваат и далеку од регионот – вклучително и во Украина, пишува Deutsche Welle (DW).
Според австрискиот воен историчар Маркус Рајснер, конфликтот на Блискиот Исток претставува „стратешки подарок за Русија и Кина“. Тој предупредува дека фокусот на Западот врз новата војна може да ја оттурне Украина во втор план.
„Украина би можела да биде турната на маргините. Во најлош случај тоа би значело уште помалку ресурси, на пример ракети за противвоздушна одбрана ‘Патриот’“, изјави Рајснер за DW.
Причината е што САД во моментов имаат потреба од дел од воените ресурси за новиот конфликт.
Можно намалување на воената опрема
Директорот на Центарот за блискоисточни студии во Киев, Ихор Семиволос, исто така предупредува дека продолжувањето на војната со Иран може да доведе до недостиг на клучна воена опрема за Украина.
Според него, долготраен конфликт би можел да го направи Западот „поподготвен за компромис“ во обидите да се заврши војната во Украина – нешто што би ја зајакнало позицијата на Русија.
Украинскиот аналитичар Виталиј Портников смета дека за Украина би било најдобро конфликтот со Иран да заврши што е можно побрзо.
Растот на цените на енергенсите оди во корист на Москва
Една од најочигледните последици од војната веќе се гледа на енергетските пазари. Цените на нафтата и гасот почнаа да растат, што директно оди во корист на Русија.
„Тоа е во интерес на Москва“, нагласува Портников. Повисоките цени на енергенсите би можеле да ја зголемат финансиската способност на Русија да продолжи со војната во Украина.
Цената на нафтата Brent на 3 март надмина 80 долари за барел, додека само неколку дена претходно се движеше околу 71 долар. Една од причините е фактичката блокада на Ормускиот теснец, преку кој значителен дел од нафтата од Персискиот Залив стигнува до светските пазари.
Сепак, експертите предупредуваат дека не е сигурно колку долго ќе трае овој ценовен раст и дали Русија долгорочно ќе може да ги надомести економските загуби од западните санкции.
Војната открива и слабости на Русија
Според Вилфрид Јилге, експерт за Русија и Украина во Германското друштво за надворешна политика (DGAP), новата војна истовремено открива и една слабост на Москва – таа во моментов не може да му помогне на Иран, еден од нејзините клучни сојузници.
„Русија поради војната во Украина веќе не може да го одржува своето влијание во други региони“, изјави Јилге за DW.
Украинското искуство со дронови како предност
Украина, сепак, би можела да извлече и одредена корист од новата геополитичка ситуација. Земјата има значително искуство во пресретнување ирански дронови, кои Русија ги користеше интензивно во војната.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев може да испрати експерти во земјите од Персискиот Залив за да помогнат во пресретнување на вакви беспилотни летала.
Според Рајснер, таквата соработка би можела да ја зголеми подготвеноста на земјите од Заливот да ја поддржат Украина – било преку финансиска помош, било преку нови санкции против Русија.