Воена конфронтација или договор: Детали за односот меѓу САД и Иран

По враќањето во Белата куќа, Трамп повторно се придржува до политиката на „максимален притисок“ врз Техеран, но истовремено ја потврди отвореноста за дијалог со цел постигнување нов нуклеарен договор.

Американскиот претседател Доналд Трамп ја отвори новата фаза во односите со Иран со објавата за директни преговори со Техеран, што претставува преседан кој би можел да ги оддалечи двете земји од опасноста од воен судир и да ја ублажи политиката на максимален притисок, која Трамп ја следи откако ја презеде функцијата.

Иако Иран потврди дека преговорите ќе бидат индиректни и ќе се одвиваат во Оман преку две делегации предводени од министерот за надворешни работи Абас Аракчи и американскиот пратеник за Блискиот Исток Стив Виткоф, весникот The New York Times пренесе од ирански функционери дека Техеран е отворен за директни преговори со Вашингтон доколку индиректните преговори се одвиваат успешно.

Во текот на својот прв мандат, политиката на Трамп кон Иран беше „максимален притисок“. Тој ја повлече земјата од меѓународниот нуклеарен договор и повторно воведе санкции кон Техеран, кој одговори со постепено повлекување од своите обврски.

По враќањето во Белата куќа во јануари, Трамп повторно ја активираше таа политика, но изрази и подготвеност за дијалог со цел постигнување нов договор.

Во март, Трамп испрати порака до Техеран со повик за преговори за нуклеарната програма, предупредувајќи дека ако не успеат, „ќе бидат бомбардирани“.

Нуклеарната програма е најголемата контроверзија. Западните земји, предводени од САД, се сомневаат дека Иран се обидува да дојде до нуклеарно оружје, што Техеран го негира и тврди дека програмата има мирољубиви цели.

Трамп не го крие незадоволството од „регионалното влијание на Иран“, особено поддршката на Хезболах во Либан, Хутите во Јемен и вооружените групи во Ирак – што го смета за закана по регионалната стабилност и сојузниците на САД.

Американски функционери навеле дека нападите врз позиции на Хутите во Јемен биле предупредување до Техеран.

Економските санкции и ликвидацијата на командантот на единицата Кудс, Касем Сулејмани, уште повеќе ги продлабочиле разликите и ги довеле двете страни на работ на војна.

Израел и Иран се сметаат за главни непријатели. Во изминатата година, двете земји размениле ракетни напади, а по враќањето на Трамп, Израел започна подготовки за голем напад со стотици ракети и дронови

Израелските медиуми јавуваат за разочараност по објавата за преговори, додека ирански функционер изјави дека може да се постигне договор во следните два месеци, но Израел би можел да нападне ако се одолжат преговорите.

Трамп тврди дека преферира договор, но не ја исклучува воената опција. „Иран не смее да поседува нуклеарно оружје. Ако преговорите не успеат, тоа ќе биде многу лош ден за Иран.“

Иранскиот врховен лидер Али Хамнеи одговори дека заканите од Вашингтон се бесцелни, додека советникот Али Ларијани предупреди дека Иран не сака оружје, но ќе мора да го развие ако биде нападнат.

Нуклеарниот договор од 2015 (JCPOA) ја ограничи програмата на Иран во замена за укинување санкции. По повлекувањето на Трамп, Иран повторно започна со збогатување на ураниум до 60%, далеку над дозволените 3,67%.

Техеран сега ќе бара конкретни придобивки за секое ограничување што ќе го прифати. Високиот истражувач Абас Аслани вели дека Иран сака рамноправни преговори и гаранции од Вашингтон, за да не се повтори сценариото од претходниот договор.

САД, пак, ќе инсистираат на: ограничување на регионалното влијание на Иран,редовни меѓународни инспекции и ограничување на нуклеарната програма. За возврат, Иран би добил олеснување на санкции во нафтениот, банкарскиот и трговскиот сектор.

Русија и Кина го поддржаа почетокот на директни преговори. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека дипломатското решение може да ја намали тензијата.

Кина повика САД да покажат „искреност“ во преговорите, бидејќи тие први се повлекоа од договорот.

Франција, Велика Британија и Германија засега не реагирале, но порано се залагаа за дипломатија и повраток кон договорот или негова надградена верзија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни