(Видео)Во Иран до сега најмалку 217 загинати

Лекар од Техеран тврди дека најмалку 217 демонстранти се убиени во Иран. Прогонетиот принц Пахлави најавува враќање и повикува на заземање на градовите.

Еден лекар од Техеран изјавил за списанието TIME, под услов на анонимност, дека само шест болници во главниот град евидентирале најмалку 217 загинати демонстранти, „најчесто од боева муниција“.

Доколку овие бројки се потврдат, тоа би укажувало на жестока репресија, што ја најави речиси целосното гасење на интернетот и телефонските врски во земјата од четврток навечер. Воедно, тоа би било и директен предизвик до американскиот претседател Доналд Трамп, кој претходно предупреди дека режимот ќе „плати пеколна цена“ доколку убива демонстранти.

Протестите, кои сега се проширени во сите 31 иранска покраина, започнаа како бунт против економијата во слободен пад, но брзо прераснаа во барања за уривање на авторитарниот исламски режим кој владее од 1979 година. Иако поголемиот дел од протестите биле мирни, со повици „Слобода“ и „Смрт на диктаторот“, дел од државните објекти биле вандализирани.

Лекарот навел дека властите во петокот ги отстранувале телата од болниците. Меѓу загинатите имало многу млади луѓе, вклучувајќи и неколку кои биле убиени пред полициска станица во северен Техеран, кога безбедносните сили отвориле оган со автоматско оружје. Активисти тврдат дека во тој инцидент биле застрелани најмалку 30 лица.

Организациите за човекови права пријавиле значително понизок број жртви. Human Rights Activist News Agency објави дека регистрирала најмалку 63 загинати од почетокот на протестите, од кои 49 цивили. TIME не успеал независно да ги потврди повисоките бројки.

Во меѓувреме, режимот испратил остри пораки. Врховниот лидер ајатолах Али Хамнеи порача дека „Исламската Република нема да отстапи пред вандалите“, додека државни обвинители предупредија дека демонстрантите би можеле да се соочат и со смртна казна.

„Хаос има насекаде“

Припадници на безбедносните сили, кои зборувале анонимно, признаваат дека владее голема конфузија и несогласувања во рамките на апаратот за безбедност. Според нив, постои страв дека режимот се распаѓа одвнатре, иако во последните денови се забележува појасна наредба за примена на брутална сила.

Политички аналитичари предупредуваат дека, со проширувањето на протестите меѓу средната класа и работниците, режимот ги смета демонстрациите за егзистенцијална закана и нема да се воздржи од насилство.

Пахлави повика на заземање на градските центри

Прогонетиот ирански принц Реза Пахлави ги повика демонстрантите и вечерва и утре повторно да излезат на улиците, да ги заземат центрите на градовите и да покренат национален штрајк во транспортот, енергетскиот, нафтениот и гасниот сектор.

Тој порача дека масовниот одѕив го разоткрил слабеењето на безбедносниот апарат и дека следната фаза мора да се темели на постојан притисок. Пахлави најави дека се подготвува за враќање во Иран и дека ќе застане покрај народот во, како што рече, „скората победа на националната револуција“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни