Квир приказни – „Срамота“,  со Румена Бужаровска и Ана Василева

На последниот ден од Фестивалот на квир уметност, култура и теорија (11 издание), на 13 јуни во МКЦ ќе се одржи Вечерта на раскажување на квир приказни – „Срамота!“,  со Румена Бужаровска и Ана Василева од „ПичПрич“, кои ќе ја модерираат. По завршувањето на овој настан ќе следува диџеј сет на Ивана Драгшиќ.

„ПичПрич“ е авторство на Ана Василева и Румена Бужаровска, заедно со „Тиииит! Инк“. 

Вечерта на раскажување вклучува неколкумина раскажувачи од јавната културна, политичка и општествена сфера кои раскажуваат кратки приказни за телесниот, родовиот и сексуалниот срам кој ја обележал нивната општествена ненормативност – оттаму, „квир“ како она што излегува од рамките на прифатливиот општествен код. Со овие јавно изговорени приказни, срамот се превртува и трансформира, исмејаниот станува исмејувачот – срамот се враќа назад кон оние кои занесениво својата арогантност и привилегија, претпоставуваат дека го имаат правото да бидат родова, сексуална и морална полиција, и да понижуваат.

Со овие приказни, од срамот за нашите желби, задоволства, однесувања, движења и размислувања градиме наративи на отпор. Нашиот срам станува нашето задоволство и среќа. Наместо сведнатата глава и преплавувачкото црвенило, пркосиме. Наместо неподносливото гушење навнатре во себе, експлодираме од смеа. Фестивалот е во организација на Коалиција МАРГИНИ и ЛГБТИ Центар за поддршка, а се реализира во партнерство со ТрансФормА, Заедно посилни, Музеј на современа уметност – Скопје, КСП „Центар-Јадро“ и Тиииит!Инк.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни