И ова издание на Саемот на книга одново ме потсети на нешто во кое долго време верувам и се водам според него: важно е да читаме, но најважно е што читаме. Кога тргнувам да го аргументирам овој став, мислам на тоа дека на овој ранлив и вознемирувачки свет, литературата му е потребна не само како мевлем на рана преку кој читателот бега од реалноста, напротив. Критичката димензија што ја пренесува еден текст како никогаш досега го има потенцијалот да влијае на огромни групи луѓе, да менува, да укажува, да забрзува, да ослободува.
Затоа, една од главните работи кои ми се појавуваат во глава при размислувањето што читаме, какви се нашите навики како читатели, како да го пронајдеме и да дозволиме да нè менува искуството на квалитетна книга се преку неколку мали издавачки куќи кои се ветар во грб на идејата за добро четиво. Прашањето за навистина добар текст е прашање кое оди подалеку од книгата и ги допира нашите вредности како луѓе, заложби против фашизмот, дискриминацијата, капиталистичкото угнетување, колонијализмот и многу други. Времето во кое живееме јасно покажува дека преку сите средства за информирање, уметноста и нашата животна средина, сведочиме толку многу неправди што нема време да се биде игнорантен. Книжевноста, добрата книжевност, никогаш и не била таква. Ние сме должни да ја откриваме колку што можеме повеќе баш преку односот литература – стварност.
Како преку тоа што го читаме да станеме дел од борбата за подобро утре? Бирајќи маргинализирани гласови и наративи кои не се нужно дел од комерцијалната книжевна понуда, истражувајќи смисла и значење на напишаното и неговото влијание во историјата, размислувајќи за тоа што ни минува низ раце. Читајќи нови перспективи кои не се омилените на пазарот и капитализмот (кои за жал драматично ја менуваат и книжевноста), барајќи љубопитно повеќе, со свесност дека она што ни се сервира колективно не е задолжително она што ни треба за да растеме како заедници и луѓе.
Важно е да се чита, но уште поважно е да се расте преку содржината на прочитаното и да се дозволи тоа биде едно нелагодно, необично искуство. Да се видат врските на пазарот и побарувачката, да се направи обид да се оди спротивно на него, затоа што токму во тој книжевен бунт ги пронаоѓаме новите светови на читањето, кои се многу повеќе од искористени слогани. За да ги најдеме, мора да инсистираме да се излезе од општата понуда и да се побара интересот кај она што е на самите краеви и преку него да се влезе во чевлите на другиот. Малите издавачки куќи во Македонија кои се дел и од независната културна сцена, со години се борат да бидат дел од овој бран за менување на читателското искуство и придонесување кон македонската книжевна сцена на различни начини, соочени со предизвиците на современата литература која нè застанува. Сепак, тие се само дел во големата слика на македонската читателска публика, па оттаму, секој напор за да се поддржат со нивниот избор и препораки е исклучително важен, колку што се и предизвиците со кои се соочуваат за да опстојат овде. Исто колку што е важно нивните предлози, преводи и програми да бидат прогресивни и храбри, отворени и смели најмногу досега, со тоа и директно ангажирани.
Преку дел од малите издавачи кај нас ја имаме шансата гласовите од маргините да се актуелизираат преку литературата и истоврмено да се испрати пораката дека таа ги надминува сите можни трендови и се упатува кон она што е од исклучително значење. Затоа што читањето не е позирање ниту перформанс, туку севкупно критичко градење на личноста. Затоа, важно е да ги бараме тие книги и приказни кои не се директно пред нас, кои не се фаворити, кои не се само приказна со маркетинг пакување испразнета од значење, туку да го следиме непријатното во книжевноста и да видиме кон што ќе не одведе. Пркосот во пишувањето секогаш постоел и им благодарам на луѓето кои секојдневно ме потсетуваат на него, оние од кои самата учам за тој тип немир и револт.
Капитализмот и воошто времињата кои ги живееме денес, сакаат да ја сведат уметноста, а со тоа и литературата само на заработка, па оттаму, пред нас ги пласираат само таквиот вид на дела. Нашиот читачки и човечки отпор мора да го бараме во едно постепено освестување на ова и инсистирање на разобличување на оваа врска. Тоа, нема да ги промени приоритетите на индустријата, за жал, но имаме должност да го негодуваме, за да може да почне да гради силна критичката читателска публика. Да стане толку силна, што тој интелектуален бунт преку текстот ќе почне да ги надминува буквите на испечатените страници и ќе стигне до реалноста.