Уште една недела до изборите во Унгарија: Анкетите најавуваат пад на Виктор Орбан

Само една недела пред парламентарните избори во Унгарија, анкетите покажуваат водство на опозицијата и можен крај на владеењето на Виктор Орбан по 16 години.

Уште една недела останува до парламентарните избори во Унгарија, а анкетите укажуваат дека Виктор Орбан би можел да ја изгуби власта по 16 години. Анкетите на јавното мислење покажуваат дека поддршката за опозициската партија Тиса, предводена од Петер Маѓар, пораснала од 53 проценти на почетокот на март на 56 проценти кон крајот на месецот.

Во исто време, поддршката за владејачката партија Фидес, предводена од Орбан, паднала од 39 на 37 проценти.

„Фидес можеби е малку потценет во некои независни анкети, но тие се многу доверливи. Таа разлика не може да биде голема, можеби во реалноста има еден или два проценти повеќе, но не повеќе од тоа“, изјави Роберт Ласло од Политикал Капитал.

Додека Петер Маѓар се фокусираше на системските проблеми и промена на начинот на управување со државата, Виктор Орбан започна офанзива насочена кон Украина, Володимир Зеленски, Европската Унија, опозицијата и новинарите.

„Орбан е исклучително активен од минатото лето, но сето тоа го правеше за да ја задржи својата гласачка база. Она што не успеа е да привлече нови гласачи. Тешко е да се замисли што уште може да направи за да ги убеди да гласаат за Фидес“, додаде Ласло.

Неговиот последен адут е најавената посета на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на 7 и 8 април, односно само пет дена пред изборите.

Доколку опозицијата победи, аналитичарите очекуваат промени, но не и радикални.

„Не очекувам пресврт од 180 степени во односите со ЕУ, но може да видиме поконструктивен пристап кон Брисел, особено затоа што Петер Маѓар веќе најави дека неговото прво патување ќе биде во Варшава, потоа во Виена, а потоа во Брисел. Верувам дека ќе ги исполни условите за владеење на правото, бидејќи тие главно се однесуваат на подобрување на јавните набавки и зајакнување на мерките против корупција“, изјави Ричард Демени од Политикал Капитал.

Сепак, за тоа да се случи, прво треба да се победи на изборите, а унгарскиот изборен систем дополнително ја комплицира ситуацијата.

Системот е комбиниран: дел од пратениците се избираат директно по изборни единици, каде победува кандидатот со најмногу гласови, додека останатиот дел се распределува пропорционално според партиите. Поради тоа, можно е некоја политичка опција да освои мнозинство во парламентот дури и ако нема најмногу гласови на ниво на целата држава.

Покрај Тиса и Фидес, уште една партија може да влезе во парламентот, крајно десничарската Наша Татковина, која би можела да има клучна улога во креирањето на политичката иднина на Унгарија во наредните четири години. Повеќето аналитичари сметаат дека оваа партија би можела да поддржи дури и малцинска влада на Фидес, доколку дојде до таков развој.

Многу други опозициски партии, како социјалистите и зелените, одлучиле да не учествуваат на изборите – не како бојкот, туку за да не се поделат гласовите против Орбан.

Кој ќе има мнозинство во парламентот ќе се знае веќе следната недела, доцна навечер.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни