Украински дронови оштетија руска нафтна рафинерија во Самарската област

Нападот ја погодил рафинеријата во Сизран и две електростаници, предизвикувајќи прекини во снабдувањето со струја и греење, додека Москва и Киев изнесуваат спротивставени тврдења за обемот на штетата.

Украински дронови ја нападнале и оштетиле нафтно-преработувачката рафинерија во градот Сизран, во Самарска област, соопштија локални руски медиуми. Според првичните информации, во нападот биле погодени и две електростаници, што довело до прекини во снабдувањето со електрична енергија и централно греење во делови од градот.

Жителите на Сизран пријавиле експлозии и пожар во кругот на рафинеријата, а на социјалните мрежи се појавија фотографии и видеа со пламен, објави украинскиот јавен сервис Суспилне.

Според тврдењата на украинската страна, нападот погодил најмалку два дела од постројката, меѓу кои и единицата ELOU-AVT-5, која се користи за подготовка, десалинизација и примарна преработка на сурова нафта пред понатамошните технолошки процеси.

Од друга страна, Министерство за одбрана на Русија соопшти дека во текот на ноќта биле извршени напади со дронови и во други руски региони, вклучувајќи ги Белгородската, Курската, Саратовската, Волгоградската и Ростовската област. Според официјалните податоци од Москва, руската противвоздушна одбрана соборила 25 украински беспилотни летала, од кои 12 над Самарскиот регион.

Паралелно со нападите во Русија, украинските сили тврдат дека извеле и успешни удари врз руски воени објекти на Крим, при што биле оштетени радарски системи, команден пункт и база за лансирање и складирање беспилотни поморски дронови. Украински извори наведуваат дека меѓу погодените цели е и радарскиот систем „Валдај“, развиен за откривање и неутрализирање мали дронови.

Во меѓувреме, украинската противвоздушна одбрана соопшти дека во текот на ноќта соборила 30 руски дронови од вкупно 48 лансирани, додека Русија тврди дека успешно ги одбила украинските напади над шест свои региони.

Состојбата на терен останува нејасна, а информациите за штетите и бројот на соборени дронови не можат независно да се потврдат, додека воздушните напади меѓу двете страни продолжуваат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни