Украинската војска соопшти дека руските сили немаат целосна контрола врз југоисточниот град Хуљајполе, спротивно на тврдењата на Москва дека градот е целосно заземен. Според Јужната команда на вооружените сили на Украина, само делови од градот се под руска контрола, а борбите и натаму се интензивни.
„Ситуацијата во Хуљајполе во моментов е исклучително тешка, но Русите во овој момент немаат целосна контрола над градот“, се наведува во соопштението на украинската војска. Во истиот контекст се додава дека продолжуваат жестоки борби и за градот Стефнохирск, во Запорошката област, за кој Русија исто така тврди дека е заземен.
Кремљ во саботата објави дека руските сили ги зазеле украинските градови Мирнохрад и Хуљајполе. Украинската страна, пак, во редовниот извештај од боиштата соопшти дека нејзините сили ги одбиле обидите за руско напредување во близина на двата града.
Дополнителна конфузија создава и состојбата во Мирнохрад, сателитски град на стратешки важниот Покровск, каде што украинските и руските извештаи и снимки се меѓусебно спротивставени. Украинските вооружени сили тврдат дека сè уште ги држат клучните позиции во градот и објавија видеоматеријали од борбени дејства како доказ. Според нив, руските тврдења имаат првенствено пропагандна цел и се насочени кон домашната јавност.
„Откако не успеаја да воспостават целосна контрола, руските сили се насочија кон пропагандни акции на јужните периферии на Мирнохрад“, соопштија украинските Здружени воздухопловно-десантни сили, додавајќи дека ваквите потези имаат за цел да создадат впечаток на успех.
Од другата страна, руските државни медиуми и канали на социјалните мрежи објавуваат видеоснимки на кои наводно се прикажуваат руски војници како поставуваат знамиња во уништени делови од градот. Една од снимките прикажува и војник облечен како Дедо Мраз како подига руско знаме на тешко оштетена зграда, на локација што не може независно да се потврди.
Украинската страна признава дека имало изолирани случаи на тајна инфилтрација на мали руски групи во одредени делови од Мирнохрад, но нагласува дека тоа не значи воспоставување трајна контрола. Генералштабот на украинската војска ги оцени руските тврдења за целосна окупација како „оружје на дезинформациска војна“.
Мирнохрад има особено стратешко значење бидејќи негово евентуално заземање би ѝ отворило пат на Русија кон Покровск, едно од клучните утврдени упоришта во Донецката област. Според украински извори, руското напредување во последните денови било олеснето од лошите временски услови, како магла и дожд, кои го ограничиле дејствувањето на украинските дронови. Забележани се и случаи на движење на руски војници во мали групи, без тешка опрема, како и маскирање во цивили, што според Киев претставува кршење на меѓународното хуманитарно право.
